Битола на времето…

1. Тема: Нова година 2003

2. Организатор: Кац авто-турист

3. Време и место на одржување: 30 декември 2002 – 4 јануари 2003, Битола

4. Учесници: 100 битолчан(к)и, колегиници, по некоја скопјанка, охриѓанка, прилепчанка, австралијанка (со наше потекло),..

5. Тренери – предавачи: Тони Банда, Михаил, Генималец, Карма и неколку јаки момци.

6. Краток опис:
Битолска шема почнува во 13:00 со пиење утринско кафе и трае до 14:30 (во поретки случаи до 15:00) кога сите одат дома на ручек.
Второто кафе се пие по 17:30, па се до 19:30.
Главното е навечер после 22:00 и трае во бранови по одредени места затоа што Црномаров им вовел војничка дисциплина по кафичи (до 23 во зима (освен петок и сабота до 24).
Нормално на некои места нема временски ограничувања и сето тоа трае до сабајле.

7. Мислење за семинарот:

Кафе и ноќни барови, дискотеки:
• Порта Џез- Bitola: најчесто го посетував, дури и не морав на келнерот да му кажувам што треба да праи, само покажував прсти. Џез, фанк,..
• Симбол: лепенка со Џез, фино место за кафе. Комерцијала.
• Ин: бивш култен кафич, сега неможе гужва да се напраи ни на шанковите. Диско музиче.
• Џовани 2: Балкански манири на келнери и добар гс на шанкерката. Балканска музика, турбо.
• Игучи: Го “користат” студенти, а кога нив ги нема тука се комшиите од Кравари, Оризари,.. Балканска музика, турбо.
• Змија: Добро е за пиење кафе, посебно во зима кога е сончево. Ју-музика, комерцијала.
• Спај: Студентско. Ју-музика, турбо.
• Кристи: Студентско. Ју-музика, турбо.
• Пајтон: Кремско место. Музика за муабет.
• Ла Каса: Претендира да биде технаџиско место со постојани ДЈ забави, ама … (види во забелешка).
• Интермецо: Пиво и рефус кикирики, со еден збор Пиазза.
• Дип: Интимно место без столчиња, се седи на миндери покрај ѕид. Џез, фанк,..
• Кул: Мало место, па сите вработени ме знаат. Ако сакате да бидат (по)фини со вас спомнете ме на газдарица Сузе или келнерките Александра и Јасмина.
• Белведере (долно зимско): Нешто меѓу кафана и кафич. на нова година имаше жива музика: сајзеристи и пејач.
• Версаил: Супер за дневна шема, се прави многу добра атмосфера и преку ден.
• Паладиум: Мало место со троа место за играње. Комерцијала, Ју-музика.
• Гуштер: фино мало место, ама достапно за редовни фаци (бев само преку ден). Пуштаат комерцијала.
• Шатор: слично (едно до друго се) со тоа што бев навечер и немав проблем за влегување (иако влегував сам!). Забележлива полова распределба по маси !?! што ми падна троа повеќе чудно. Комерцијала.
• Позитив: Ептен тазе место, постои две недели. Ако успееш да влезеш (последниве денови тоа е олеснето=100 денари) има добра журка и еден куп луѓе (последен податок од завод за статистика 1500 за една вечер). Моја препорака е да одите во нуркачка опрема (боца со кислород и купаќи) затоа што се работи за подрум висок 2 и жилет без вентилација. Комерцијала.
• Стејџ: Нов техно клуб (бившо Фламинго). Фина промена, посебно ако си ја почнал вечерта во Џовани 2.
• Tач: Добро место и фина раја, ама глупо решен простор. Комерцијала.
• Парк: Дискотека. Бивш ресторан со огромен простор, гужва, ама без душа. Поздравете ги Генималец и брат му на врата.
• Расчекор: За малку ќе се прославеше и во Македонија (види забелешка) во Битола е главна шема за после полноќ. Може да не влезете (како ќе ве процени Кармата), иако се плаќа влез. Карма е тој со мустаќите.
• Триангл: Уште едно место за после полноќ, ама во овој период е надвор од шема.

Кафани, ресторани, пицерии:
• Пица Буре: Избор број еден за јадење пица или обично сирење од фурна (80 ден) (битолски специјалитет).
• 54 или Уна: Отмена пицерија со префини цени. Препорачувам сирење од фурна а ла Уна (170 ден).
• Пица Е: Во моментов имаат наградна игра “пронајди печурки во пицата”. Месото е мислена именка. Ама во ниедно време се јаде и таму затоа што се наоѓа карши Расчекор.
• Рудо јагне: Скараџилница. Препорачувам ловечка плескавица со нафора.
• Ајчо: Убава скара. Не успеав да пробам шкембе чорба, ама битолчани рекоа дека е меѓу подобрите.
• Ленски мост: Слатки, бурек, пици,.. се на едно место. Сепак се одлучив за пирошки со јогурт.
• Ловец: Кафана во вистинска смисла на зборот. Бев на т.н. трета вечер нова година (02.01.). 90% беа качени на столици, а другите 10% на маси, а газдата се љутеше што му искршивме една чаша и не ни даваа уште да пиеме. Сајзераи+сакс.
• Император: Другарка ми ме покани со нејзино друштво и ми ја претстави како пристојна кафана. Ја одбив поканата и после сите ми викаа дека добро сум постапил. За инфо певаљка е Лидија Дворжак, па сеа ти види.

8. Забелешка:

• Широк сокак
Традицијата продолжува. Ако не се прошеташ десетина пати нагоре-надоле по Широк сокак, неможеш да ја видиш пола Битола и да се поздравиш со сите што ги знаеш. Башка запознаваш и други фаци кои се знаат со тој/таа до тебе. Сега релацијата е намалена, па се шета само од Версаилле до Змија наместо од фонтана до фонтана.

• А бе ајде пушти
Се случува околу еден часот првиот ден од 2003. Во Порта Џез батка се шанкира и му вика на ДЈ -от:
– Абе ајде!
– ?!?!?
– Абе ајде пушти!
– ?????
– Па Нова година е, пушти ја Цеца!!!!

• Цеца
Околу 3 по полноќ на Нова година решаваме да одиме во Ла Каса. Арно ама, местото на кое 5 дена по ред ДЈ -и пуштаа техно ечеше “39 са 2”. И во Битола се е можно.

• Мечка
Битолчанец за време на викенд често се враќал дома потпивнат. За да го клај под контрола домаќинкава го пуштила синчето со него. Бидејќи немало промени го прашува малиот:
– Кај бевте?
– Во зоолошка.
– И што имаше таму?
– Една мечка!
– Каква мечка?
– Стоеше и јас си играв со неа!!!

Ако одите во Ловец не се плашите мечката е препарирана.

9. Заклучок:
Ако ви звучи интересно Битола чека на вас.

Катз Пунгас