По барање на нашинците во Австралија, од Битола ќе бидат испратени два карго авиони (зелено – бела боја), за спас на нашите сограѓани- битолчани кои се потиснати од строгите ковид мерки кои моментално преовладуваат во нивните сојузни држави.

Мислевме дека таму има демократија, дека Австралија е лулка на демократијата, но останаа дома затворени и во депресија, ни казино, ни кафани, шетање и посета на роднини, ништо , не можат дури ниту како луѓе да протестираат со само неколку случаи на заболени. Затоа нашиот совет вонредно заседаваше и едногласно се усвои декларација за спас на нашите сограѓани битолчани…ни изјави Спасе Спасеновски, претседател на советот за спас на нашите сограѓани.

Придобивките ќе бидат големи. И така Битола нема аеродром, сакале неќеле карго авионите мора да слетаат на битолскиот аеродром за инает на скопјани и охриѓани. Нека видат сите дека тука уште пред сто години имавме аеродром и дека се уште тој е функционален. Нашите битолчани веќе скоро еден век ја градат и придонесуваат за тамошната економија и дел од нив како една голема благодарност што ги спасивме ќе ни пренесат искуства и ќе има прилив на инвестиции и капитал во нашиот град . Многу од нив веќе имаат и двегодишни врски со битолчани или битолчанки на далечина и заради локдаунот не можат нормално како пар заедно да функционираат. Затоа ова мора што поскоро да се реализира и тие да си бидат заедно и да продолжи долгогодишната традиција од извоз на наши сограѓани кои после неколку години ќе не поддржуваат и нас од дијаспората .

Веќе се размислува и за увоз на Градоначалник, некој успешен бизнисмен по примерот на еден друг македонски град кој увезе Градоначалник од Америка, но тоа сега засега е во размислување.

Затоа испраќаме апел до сите наши битолчани кои се наоѓаат во Австралија и Нов Зеланд да издржат и да ги чуват полни чекмеџињата кои ќе треба да бидат како бустер вакцина за возврат во битолската економија…заврши Спасе во неговото обраќање.

Веста е измислена како дел од рубриката Лабаво и е само за забава на пошироката народна маса во Битола, Македонија и Австралија.