hdr

Битола, роден граде мој !
Бев дете, бев Титов пионер и се сеќавам со која гордост ја носев пионерската капа и марама и знаменцето на Југославија и Македонија пречекувајќи ја штафетата покрај Драгорот.
Бев дете и растев со децата од моето и соседните маала. Делевме леб намачкан со маргарин, буковска пипер и нане, Делевме леб потопен со шеќер и какао. Крадевме јаболка и цреши од комшиските дворови. Игравме по цел ден фудбал и кошарка. Навечер куку и камај. Возевме со точаците по дивите патчиња и правевме куќички и склоништа на дрвата надвор од градот. Беме безгрижни и среќни.

Бев основец и се сеќавам на моето прво излегување на Корзо. Тоа беше вистинско доживување. се чувствувавме стари и важни. Облечени како за велигден, намирисани со Домино и Пино силвестре. Одевме пешки насекаде низ целиот град. По стопати денот ако требаше. Летата беа посебни. Одевме со точаци дури до Претор. Се криевме од домашните и радоста и ќотекот го делевме заедно.

Средно школо, е тоа веќе беше сериозно. Секоја сабота и недела прво на Шеталиште до последниот сончев зрак а потоа на Широк Сокак пред Трудбеник се редевме во две или 4 колони низ кои поминуваа битолските чупиња дотерани како на модна писта, насмеани, срамежливи, среќни. Тука и таму следеше некое дофрлување, нежно штипкање по образите, поглед со очите.
Иако немавме телефони се договаравме од денес за утре каде да се најдеме и никој не каснеше нити минутка. Мојата прва девојка ја шармирав свирејќи гитара во паркот пред бунарчето. Денски секако. Срамежливо , несигурно, неизвесно. Се дружевме да не речам во чопори од по триесеттина млади. После паркот повторно на корзо, одевме или во кино или во диското Орфеј, Барот, Домот на културата …. Игравме , слушавме музика и бевме среќни.

Заминав војска. Станав маж. Како денес ми зуе во ушите првата утринска труба. Не учеа на дисциплина и на тоа како се сака и брани Татковината. Дебелите ослабија, слабите се здебелија. Стекнавме работна навика, одговорност, почитување.
Се вработив релатривно млад. Имав цели 21 години. Паметам наутро постојките вриеја од џагор од работниците кои одеа во фабриките. Весели, насмеани, полни со елан и ведри мисли. Траеше кратко. Дојде демократијата…

Се оженив на 24 години со жената која ја сакав. Имав работа, имав жена немав стан но затоа добив прво дете. Немав кола и секаде крстосувавме пешадија.

Демократијата си го донесе своето. Демократите одлучија да ги испокрадат фабриките и избркаат подома работниците. Додека во бившите републики се војуваше, кај нас се тепаа кој повеќе да украде. Преку ноќ се доби армија невработени кои се скрија во своите домови и полека пополека почнаа да ги арчат резервите. Никој оф не рече. Моите двајца родители ги исфрлија од работа и преживуваа до нивните пензии. Постојките празни, луѓето со наведнати глави се повеќе се оддалечуваа од пријателите, роднините, комшиите. Ќутеа и трпеа и полека пополека заминуваа.

Не искрадија што не искрадија па кога веќе видоа дека ќутиме си рекоа ајде да пробаме друго, ќе ги обезличиме, ќе ги унаказиме, ќе им ја земеме гордоста, честа, животот. Измислија војна , Албанците од терористи станаа министри и пратеници. директ од шума во фотеља. Денес немаме име, немаме закон, немаме пари, немаме радост, немаме здравство, школство, спорт, но затоа имаме двојазичност, партиски вработувања, понижувања на секој чекор, со свиткана кичма чекаме да ни дојде крајот. Чекаме нашите деца што побрзо да завршат какво такво образование за да ги пуштиме ширум светот за да можеме со своите внучиња преку скајп да се запознаеме.

Битола роден граде мој. Каде ли тоа погрешивме. Те гледаме иста уште од 80 тите години. Истите улици, додуша дораскопани, те гледаме празна, тажна, загадена. Отсечена од светот и ти го чекаш твојот крај исто како и ние. Твоите деца денес се среќни кога имаат поубав ајфон од таканареченото другарче. Се играаат некои чудни игри, чудни навики, чудни размислувања.

Остаревме ли толку роден граде мој та се навраќаме на нашето детство и го бараме моментот каде тоа сме згрешиле. Мислам дека сме последната разумна генерација на луѓе кои иако знаат кој е излезот ја пикнаа главата во песок чекајќи Атињаните да им го средат градот.

Сепак, безрезервно те сакам роден граде мој. Те сакам Татковино, Ве сакам сите !!!

Тони Апостоловски