Првите анови во Битола биле регистрирани во Битолските сиџили во XV век. Се споменува Сунгур Чауш бегов ан, подигнат во 1435 година. Сунгур Чауш бег бил големиот добротвор за Битола од христијански род.
Патописецот Иван Каваза во 1591 г. забележал дека во Битола има „каравансарај кој е добар за коњите, но е неудобен за луѓето“.
Евлија Челебија за Битолските анови кои ги има повеќе, забележал дека по ановите се пее, се игра и се јаде до зори. Забележал и дека имало согри со печено јагне, бирјан, капама, риба и разно овошје донесено од сите страни на светот.
Според еден податок, во 1827 година бројот на анови во градот Битола бил 17, имала 44 меанџии (24 меани во спериферијата), 35 симитчии, 30 воденичари, 17 анџии, 17 ахтари, 15 кафеџии, 11 алваџии, 11 кадаифчии, 10 бозаџии, 8 бурегџии, 6 леблебиџии, 4 ашчии. Занаети во врска со исхрана и ноќевање,… анџилакот беше особено развиен. Истиот е наследен занает. Во 1856 година се споменуваат 22 анџии, а еснафот броел 40 лица.
Патописот на Јозеф Милер од 1843 г. „…во Битола има многу приватни анови, кои фигурираат како деловни агенции за трговците на големо…“
Патописот на Едвард Лир од 1848 година „…Битола има не помалку од 40 до 50 илјади жители … Отидовме во најголемиот и најубавиот ан на Битола, „Јени ан“ пространа зграда, со двор од трите страни, полн со грчки трговци во сини туники или Албанци во бели мантили и натоварени коњи. За среќа добив соба од каде се гледаше оваа жива глетка. Овде мислев да останам два дена, бидејќи немаше можност да видам поубаво место. Една чиста, бело обоена соба со стаклени прозорци и нови душеци го правеа целиот луксуз на оваа метропола“.
Според официјалната турска статистика од 1876 година во битолската чаршија имало: 1650 дуќани, 150 магази (чисто трговски дуќани), а на целокупната територија на градот 50 анови, 37 воденици, 93 фурни, 10 кафеани, 5 керамиџилници, 3 магазини за облека, 25 меани, 1 пошта, 15 аптеки, 15 складишта за петролеум, додека фабрики нема.
Според патописот на непознат автор, од 1883 година,
Битола имала 45.000 жители, повеќе добри крчми и околу 40 анови. До појавата на хотелите ановите биле единствените каде човек можел да се смести. Ановите имале стандардизирани градби, кои се состоеле од простории за престој на гостите, широк двор со аури и штали за влечниот и другиот добиток, односно, како што пишуваа Белег Де Буга, (француски конзул во Битола во 1856 година), наведува дека во Битола имало 22 дуќани – анови. Според него во ановите биле „пространи зданија составени од штали на приземјето и соби, сали и галерии без мебел на горните спратови. Секој патник доаѓа со сопствена постела, килими и предмети за лична употреба што ги користи при патувањето. Анџиите обезбедуваат храна за коњите, а понекогаш и за луѓето. Тие најчесто се и производители на вино и ракија и вообичаено заработуваат многу добро“. Според неговиот извештај во Битола имало„…еснаф на анџии со 40 на број… во градот се уште не постојат европски преноќишта и потребата од нив почнува да се чувствува“.
Во Битола, скоро секое поголемо околно село и скоро секој поблизок град имале свои анови. Во текот на XIX век Битола постепено го зголемувала својот стопански подем а со тоа постојано се зголемувал и бројот на анови. Во пишаната меморија на Битола регистриани се поголем број анови, и истите според имињата се поделени во три групи: прва група според местото од каде доаѓале патниците, втора спроед стоката што се носела и трета група според разни имиња. Бидејќи се именувале според припадноста на посетителите, имињата им биле: „Тирански ан“, „Елбасански ан“, „Корчански ан“ (бил како мал хотел имал 40 легла), „Дебарски ан“, „Кичевски ан“, „Прилепски ан“, „Велушки ан“, два „Буковски ана“, „Диовски ан“, „Цапарски ан“, „Ѓаватски ан“, „Гопешки ан“, „Драгошки ан“,„Преспански ан или уште познат како „Преспанско Езеро“, „Смилевски ан“, „Суводолски ан“, „Бачки ан“, „Раковски ан“ и др.
Именувањето се вршело и според стоката што се носела, па ќе ги сретнеме како „Пипер ан“, „Мисир ан“, но среќаваме и анови со други имиња како на пример „Мирахор ан“ или „Валијски ан“, „Девеане“, „Јени ан“, „Шадрван ан“, „Ингилиз ан“, „Црна Река“, „Чипур ан“, „Филаделфија ан“, „Здравески ан“, „Ан Колимагаре“ и др.
Кон крајот на XIX век, во Битолската околија имало 146 ана, од кои во Битола 14 ана. Најголем број од ановите биле лоцирани околу чаршијата, но ги имало и покрај реката Драгор и околу градскиот часовник. Додека пак, во 1910 година во Битола имало дури 109 анови, бројка која вчудоневидува.
За отварање на гостилница во Битола дознаваме од патописот на Спиридон Гопчевиќ во 1890 г. „…на крајот дојдовме во главната улица, каде беше австрискиот конзулат. Пред него застанавме, да го запрашаме конзулот, каде е најдобриот ан…кавазот одговори дека овде има само една гостилница „Локанда“.
Патописот на Виктор Берар од 1891 година – за ановите во Битола забележал „Но Монастир е град на можности. Францускиот јазик овде многу се зборува. Наспроти нас, се гледа хотелот „Ориент“, со ресторанот „Ајфелова кула“. Хотелот и ресторанот беа полни. Набргу се развеселивме. Но ние треба да се задоволиме со обичен ан, една голема турска гостилница, со ѕидови од земја и со дрвени ходници. Внатре имаше четири фасади на три ката и три ходници кои го опкружуваат четвртестиот двор. Во дворот имаше ѓубре, араби и бари од вода; група од Турци и Албанци и Словени постојано зборуваа и пушеа. Сто или сто и педесет коњи ´ржеа или се бореа во шталите кои беа отворени на приземјето. Катовите се поделени на ќелии кон ходниците. Така, секој гостин има своја соба, но секоја е оградeна со рогозина и секоја води кон ходниците; едни се наоѓаат во други, се занимаваат со своите работи или се мијат…И дење и ноќе, во анот врие од разговори; кокошки, искачени на буништа, врели кафиња, печено месо, кавали, гитари со три жици, луѓе кои пеат пред огништето, пред чашка ракија или пред лубеница. Кај пумпата, пред бунарот, берберите ги отвориле своите берберници надвор и ги бричат со истите бричови и образите на христијаните како и главите на муслиманите. Тоа претставува турскиот живот во своето безредие, ниту час, ниту место за некаква потреба. Сè се прави секогаш и секаде, или е неможно нешто да се направи. Берберот ги бричи своите муштерии во водата која ја пијат сите. Гнасната миризба на печеното месо лебди насекаде…“
Познати кафеани во Битола од крајот на XIX век до крајот на Првата светска војна биле: кафеана – ресторан „Ајфелова Кула или „Ајфел“ во хотелот „Ориент“, гостилница „Локанда“, кафеани – гостилници во хотелите „Шарк“, „Београд“, „Синтагма“, „Европа“ – имал и коцкарница, кафеана со билјард сала, музика и со летна бавча „Ројал“, ресторан „Београд“, кафана „Итаат“, кафана „Терпси“, кафеана „Париз“ – покрај река Драгор, кафеана „Кај Акиф“ – покрај река Драгор, кафеана „Кај Брдарот“, лоцирана на Ат Пазар, кафеана „Бела Чешма“, кафеана „Чекутка“ кај горното сретсело кај Гинимаале, кафеана „Гургур Чешма“ – на патот Битола – Поешево, кафеана „Кај Зариевци“ лоцирана на малата тепсија на Баирот, кафеана „Каваци“ – покрај река Драгор кај месноста „Каваци“ (Тополи), кафеана на железничка станица, потоа во популарно наредената. „Дембел Чарпија“ – покрај река Драгор се споменуваат четирите кафеани именувани со заедничко има „Пред Ановите“, како и другите кафееани „Еврејска“, „Трговска“, „Турска кафеана“ – кај Градскиот часовник и други.
Од бројот на селски анови, ќе го наведиме примерот со село Кажани, на патот Битола-Ресен кое во турскиот период селото било важно за живиот карвански сообраќај помеѓу Битола и Драч. Во прво веме во селото Кажани имало голем ан, за непосредно во 1912 година да има 7 анови и 3 пекари.
Извадок од книгата Од анови до хотели, од меани до ресторани на Никола В. Димитров и Трајан Вељанов.