18 ти Април е светски ден за зачувување на културно историско наследство т. н. World Heritage Day. За некого не значи ништо, но за нас битолчани би требало да значи зошто. Зошто нашиот град е музеј на отворено во светски рамки со градби и објекти уште од 15-ти век, оригинална отоманска и неокласична архитектура која му се такмичи на многу градови на Балканскиот полуостров, па дури и во Европа. Спој на стилови од различни временски периоди со влијанија од различни култури за што ден денес сме горди на сето тоа што го направиле и ни го оставиле во наше наследство. Но баш тука приказната го добива нов тек. Колку ние се грижиме за нашето културно историско наследство започнувајќи од самите нас, да ги исклучиме надлежните кои тоа му е работата. Да започниме од некаде. Ете нека биди од Широк Сокак. Повеќето од привремените газди, закупувачи на најубавата улица на светот која за жал ја губи нејзината препознатливост и автентичност се однесуваат само расипнички. Грабаат се повеќе и повеќе со желба за поголем приход но тоа е моментално, луѓето го препознаваат дека тие им го уништуваат нивното традиционално место и полека ги напуштаат. Се поставуваат дебели челични столбови и сајли во битолските фасади на куќи од 19ти век само за да бидат поткрепа на некоја тенда од научнофантастичен филм како шо ги гледавме на сериите Beyond 2000 и нема никаков допир со автентичната битолска архитектура.

Сѐ само за да се загради повеќе место, да се стават повеќе маси и со тоа да се рашири бизнисот. Откаршија целата фасада нагрдена со светлечки и пишани реклами, па дрвена платформа која зафаќа дел од Широк Сокак за да можат муштериите да се поткачат за влез во дуќанот и горе некоја чудна настрешница од тврд материјал која потсеќа на автобуска постојка. Како што одиме надолу ја забележуваме куќата на Страла со комплетно сменета пластична бела дограма, за која реагиравме но само парично се казни сопственикот и нема одлука за да се врати во првобитна или автентична состојба како што беше претходно. Обесени климатизери на поголем дел од аристократските куќи, железни тенди кои не содејствуваат со околината, пресоблечени излози направени како Спејс Шатл нон стоп да трепкаат и да ги привлечат љубитните посетители да влезат во казино.

За едни челични столбови во близина на Паско фурната малку повеќе навремено реагиравме и истите се отклонија. Истото го препозна сегашниот газда дека битолчани си сакаат да уживаат со кафе во историја и автентичнист и го врати во првобитната состојба и ете сега бизнисот си оди како што треба.Во долниот дел исто, светлечки реклами, пресоблечени излози, виси надворешниот дел од климатизерите на фасадите, исто како во Виена, Берлин или Лондон. Извинете, но тоа не е така таму, тие од сами себе започнуваат да си го негуваат и почитуваат културно историското наследство. Поминуваат странските туристи , се восхитуваат на нашите градби и се смејат на ваквите преправања и интервенции кои делуваат смешно на една улица стара со векови. Еден мал дел од нив го негуваат тоа што го затекнале, на нивни макотрпен начин без помош од надлежните или државата. Секоја чест за нив. Во текот на вчерашниот ден реагиравме за уништувањето на фасадата на еден од значајните културното историски споменици Дебој амам во Битола. Луѓето и туристите тука повеќе препознаваат колонијална продавница отколку некаков споменик на културата.

Реагиравме и за валоризација на единственото Исљахане, занаетчиско улилиште, пред да замини во историјата кое се нуди на продажба а истото не е под заштита.

Некогашното Исљахане, на влезот од страната на Грција

Слична е ситуацијата и со Џепането, за кое истотака дури сега е започната постапка за валоризација , некогашните турски болници (сега Студентски дом), старата болница Гураба Хаста Хане која е дел од трикотажата Пелистер, Керим Бегов и Јени амам и многу многу други. Дел од нив можеби не се на продажба, но не се ни под заштита ниту пак некој се грижи за нив, а сигурни сме дека доколку некој од нас побара донации сите ќе бидиме согласни за тоа. Пристапните ЕУ фондови чекаат со отворени врати , но ние некако не знаеме ниту да затропаме, а не да влезиме и да аплицираме.

За продажбата на Офицерски Дом бевме најгласни, од нас започна поривот за негова одбрана не размислувајќи на последиците кои до ден денес ги трпиме. Не сакавме ниту браво ниту некакво посебно внимание, си сакавме една свест кај сите да остане за наследството кое ни го остави големиот добротвор Абдул Керим Паша, кој за жал во Битола има само една мала уличка со неколку броја. И за да се израдуваме на неговата убавина и внатрешност замислете чекаме четири години да дојдат новите локални избори во октомври 2021 г. пред кои е сѐ натокмено да има свечено отварање.

Киното Манаки остана уште една градба која е смешна за нашиот град како пола лименка пола стиропор и некаква фасада која има некоја сличност со некогашната градба со бела пластична неавтентична дограма која нема врска со некогашната.

Голем потсмев наместо културно историско наследство, чие сечење на црвената лента е исто така натокмено пред локалните избори.

Да го споменеме и смешното позеленување на единственото Еврејско наследство во Битола, столбовите на некогашната синагога Португал кои позеленеа од бојата на битолски Комуналец.

Нашето размислување го дели и битолскиот историчар Васко Гичевски :

Денес инаку е светскиот ден на културното наследство. По тој повод кратко да ви го одземам вниманието со чифте амамот Дебој во Битола. Имено во градба која потекнува од 15 или 16 век, и била амам (купатило) денес има маркет, феномен кој вака сам на себе не можам да си го објаснам, та ни на други. Објектот е заштитен со закон, арно ама рекламиве кои стојат закачени на ѕид се за машала, со се климата и онаа канделабрата.

Битола инаку има уште два амами од кои Јени Амам е заштитен со закон, ама никој и никогаш ниту го реновирал ниту го реставрирал и сега личи на куп камења истурени сред Дрвен Пазар. Другиот амам, познат како Керим Бегов е исто руина крај која е страшно да поминете.
Да сумирам во Битола ефективно зачуван е само еден амам и тој е маркет и полека така, кој што стигне, си лепи на него.
Во овој контекст да ги споменеме и Ислахането за кое се почна процедура за валоризација, Џепането кое е напуштено, руинирано и заборавено, ДСД Кочо Рацин односно османлиската болница во која се прават доградби како на државата ќе и текне, болницата за сиромашни која е дел од објектите на трикотажа Пелистер и страшно нагрдена до непрепознатливост.
Во ништо подобра состојба не се ни оние кои се заштитени, бидејќи се мисли дека ако се стави плочката „под заштита на законот“ магично објектите сами се штитат.
Ова писание во суштина како и многу други е безначајно бидејќи ние во суштина не сме ни држава, ниту пак надлежните институции можат нешто особено да сторат. Тоа пред се лежи во фактот што со децении оваа држава нема пари за култура и наука. Оние институции што постојат, постојат колку ради реда и за да фигурираат во регистар и пред странците Да им се можеше одамна ќе ги укинеа.

Да се надеваме дека овај ден на сите многу ќе ни значи. Можеби не успеавме да го спасиме стариот Народен театар, црквата св. Констатин и Елена, св. Јован кај Стара болница, објектите на Старата болница, Болницата Евангелизмос или Благовештение (Спитаљето) , училиштето на Калуѓериците познато како Старо медицинско, Пекмез Пазар, старите еврејски синагоги, Ески џамија, Скршена џамија или црквата св. Никола и многу други бидејќи бевме многу мали и незначајни, но дека сега е дојдено крајно време за сите да си го ставиме прстот на глава за да не останиме со прстот во уста.

Имаме многу за заштита, од староградската архитектура до старите конзулати и посочените објекти заедно со автентичноста на Широк Сокак и старата градска чаршија . Да си го пазиме и негуваме нашиот град за тој да ни ја возврати неговата љубов.

За Битола и битолчани, баш од срце и кој сака колку сака нека се лути, ние продолжуваме понатаму. Ваша Бабам Битола.