БЕРБЕРСКИ АНЕГДОТИ
Од Зухди Малик (83)
Ги забележа Петар Ставрев

Еден од највозрасните бербери во градот е Зухди Малик кој на Ул. „Цар Самуил“ бр.11 во салонот „Венера“ работи од 1955 г.. Две години пред да започне занаетот го учеше од Зиса Костовски, Сали и Таки Жапоно.

Тој деновиве ни раскажа две интересни анегдоти за своите некогашни колеги Кочо Шефо и Апостол – Апче Пројчевски.

ШЕФО

Имено во берберницата на Шефо спроти некогашниот Аеро клуб кај местото на хотелот „ТреФ“ на Шрок Сокак како љубител на фудбалскиот клуб „Црвена ѕвезда“ од Белград, најчесто се зборуваше за нејзините успеси.

Кочо Шефо со Петар Петрович-Пижон

Во една прилика некои „партизановци“ поставија звучник пред Аеро клубот и иницираа радио пренос меѓу „Партизан“ и „Црвена ѕвезда“. „Партизан“ поведе со 1:0, потоа и со 2:0, дури и со 7:0, а потоа „репортерот“ извика дека „Црвена ѕвезда“ постигна еден гол за радост на берберот – навивач од Битола. Тогаш Кочо Шефо ја сфати шегата, но, им прости на сите, а особено подоцна кога познатиот фудбалер Владимир Петрович- Пижон гостуваше во Битола, го посети Шефо и се фотографира со него.

АПЧЕ

Во една прилика неколку артисти од Народниот театар кога снимаа една претстава во Диово го повикале берберот Апостол- Апче Пројчевски, кој најчесто бричеше мртовци, да отиде со пајтон во селото за да го избричи артистот Коста Џеки- татко на артистката Јоана Поповска, наводно дека Џеки починал.

Бабецот со Џеки и Олга Наумовска

Сите изглумиле жалост, а Џеки лежи „мртов“ , но кога Апче започнал да го бричи, Џеки скокнал и му викнал: „ Аман бре Апче што не го наоштри бричот, ме изгоре”.

Апче се уплаши, скокнал, но ја сфатил шегата.

Ачостол Апче Пројковски во неговата берберница

После излезе муабетот дека на Апче од бричењето никој не му куртулил, освен артистот Коста Џеки.