Велат дека е срамота да си од Битола, а да не знаеш Бељот да играш. Се смета дека играта ја донеле Французите кога градот бил град на конзулите, пред околу 70 години.
Играта е заразна, бара многу логички да се размислува, да се брои, да се „прати“, како што би рекле ние битолчани и секако, да се има добар партнер.
Тоа ти е прв и основен чекор за да имаш добра “бељотска” игра. Ако немаш добар партнер, кој ќе ти ја знае „играта“, тогаш не можеш ни да размислуваш за победа, а камоли за чаљо. Мора да знае кога да ти игра адут, да те најде на цак, да ти се најави. Мора да ти биде погоден „таман“, и да бидете добро синхронизирани за да можете да бидете пред другите. Тоа е основната работа.
Друга работа важна во Бељотот е да ти оди картата. Ако имаш секоја партија да „вадиш“ по 20, 50 или 100че, тогаш си чекор понапред кон победата.
Трета работа која е многу важна за да бидеш победник е да ја почитуваш картата. Старите битолски бељотчии велат дека ако не ја земаш картата, а адутите „ти играт оро“, тогаш ќе те казни картата. Затоа, треба да се ризикува, за да се добие партијата, ама ако имаш добра интуиција. Ако ти „запеј пилето“ тогаш треба да ја земиш, ама ако се двоумиш подолго време, ем ќе ти ја пишат партијата, ем нема да направиш ништо.
И последна, ама исто толку важна работа е среќата. Е ако имаш среќа, тогаш ни знаењето нема да им помогне на противниците. Тие ја земаат, ти вадиш 200, ја шиткаат, пак ја земаат ти вадиш 150 пак тие ја шиткаат…
Бељотот е светска игра за паметни луѓе, затоа научете се и ќе најдете доживотна гимнастика на умот. Во студентскиот дом на секој чекор ќе најдете како некој го учи друг да игра бељот, оти му фали партнер(- најголема битолска клетва: „Да сте тројца и да ви фали чоек за Бељот“), па така, голем број студенти од Источна Македонија кои студирале во Битола, сакајќи или не, намерно или ненамерно научиле да играат.
Како се игра бељот?
Бељот е игра со карти која се игра низ цела Македонија, но најмногу во Битола. Играта е стара околу 90 години. Потекнува од Холандија, каде и ден денес е една од најиграните игри со карти.
ПРАВИЛА
Правилата се според битолскиот начин на играње Бељот.
Број на играчи
Бељот се игра во парови (тимови). Оптимално е да се два тима, односно 4 играчи. Се игра со вкупно 32 карти. Постојат специјални карти со кои се игра, меѓутоа, може да се игра и со обичните карти при што се користат картите од број 7 до кец ( 7, 8, 9, 10, J, Q, K, A).
Паровите седнуваат еден спроти друг. Насоката на делење на картите е спротивна од насоката на движење на стрелките на часовникот.
Адути
Во играта има карти кои претставуваат адути. Тие имаат различна вредност (јачина) од обичните карти, односно картите кои играчите ги имаат во рака и вообичаено таа вредност е поголема.
Адути | Обични карти |
7 – 0 | 7 – 0 |
8 – 0 | 8 – 0 |
9 – 14 | 9 – 0 |
10 – 10 | 10 – 10 |
J – 20 | J – 2 |
Q – 3 | Q – 3 |
К – 4 | K – 4 |
А – 11 | А – 11 |
Целта на играта е да се соберат што повеќе карти со боја на адутот и притоа да се соберат што повеќе поени. Тимот кој прв ќе стигне до 1001 поен е победникот. Во играта битно е да се земе картата адут од средина.
Делење на карти
Бељот се игра во партии, чиј број е неограничен (додека еден од тимовите не стигне до 1001). Една партија има два круга на делење на картите. Еден круг пак има 4 раце, односно четири фрлања на карти од секој играч.
Еден од играчите е делач на картите. Играчот чиј ред на играње е пред делачот, треба да ги пресече картите. Во првиот круг се делат по три карти на секој играч, а во вториот по две. Доколку се направи грешка при делење, тогаш се растура партијата и се продолжува со следно делење.
После делењето на карти во првиот круг се извлекува најгорната карта и се става на средина. Таа карта претставува потенцијален адут.
Доколку во првиот круг еден од играчите ја земе картата од средина, тогаш бојата на таа карта станува адут на целата партија. Доколку при првиот круг никој не ја земе картата, тогаш во вториот круг играчот кој е на ред може да го земе адутот и при тоа одбира нов адут, кој е е со различна боја од претходниот. Доколку до вториот круг, адутот не го земал ниту еден играч, тогаш неговата боја веќе поминала и мора да се да одбере нова. Доколку и после вториот круг никој не го земе адутот од средина, партијата се растура и се дели од почеток.
Играта започнува откако некој од играчите ќе ја земе картата адут. Прв играч кој фрла карта е играчот после делачот. Сите следни играчи треба да одговорат на бојата што ја ќе фрли играчот. Доколку првиот играч фрли адут, сите играчи треба да одговорат со адути, но не мора. Доколку на почеток на играта не е одговорено со адут, а потоа во текот на играта се одговори со адут, тогаш партијата е шитната.
Играчот мора да фрли карта која е поголема од таа што е фрлена во средина. Доколку некој од играчите нема адут, тогаш фрла било која карта.
Комбинации
Кога ќе започне играта секој играч може да пријавува комбинации на картите. Комбинациите кои играчот ги прави се пријавуваат и покажуваат до трета рака. Картите кои играчот ги пријавува до трета рака се нарекуваат вадени карти. Сите комбинации носат поени. Можни се три начини на комбинации кои се пријавуваат:
- 4 џандари – 200 поени
- 4 деветки – 150 поени
- 4 кецови, десетки, кралови или дами – 100 поени
Четири осумки и четири седумки не носат поени.
Бројот на карти кои играчот ги пријавува исто така носи одреден број поени, односно:
Бројот на карти кои играчот ги пријавува исто така носи одреден број поени, односно:
- 3 Карти – 20 поени
- 4 Карти – 50 поени
- 5 Карти – 100 поени
Бељот и Ромбељот се пријавуваат доколку играчот ги има и дамата и кралот кои се во иста боја со адутот и тие носат по 20 поени. При фрлање на првата од тие две карти играчот вика “Бељот”, а при фрлање на втората вика “Ромбељот”.
Собирање поени
Поените се собираат од извадените карти, а зависно од бројот на поени и поседувањето на адутот, се додааваат екстра поени.
Поените се собираат откако играчите нема да имаат веќе карти во раце. Тимот кој го земал адутот од средина, после четврта рака мора да има повеќе од 81 поен за партијата да биде извадена, односно важечка. Доколку тој тим не освои повеќе од 81 поен тогаш партијата се растура и се почнува од почеток.
Доколку во текот на играта тимовите извадиле карти, односо пријавиле комбинации, тогаш поените од тие карти одат кај тимот кој го земал адутот. Исто така, тимот кој го земал адутот добива и плус 10 поени од сонот, односно од последната рака.
Доколку некој од тимовите извади Бељот и Ромбељот, поените се му се додаваат на тој тим.
Откако ќе се соберат поените, ако тимот кој го земал адутот има повеќе поени од другиот тим, тогаш партијата е извадена. Ако пак тимот со адутот има помалку поени од другиот тим, во тој случај другиот тим добива плус 162 поени на вкупните поени од извадените карти, доколку има такви.
Доколку тимот кој нема да го земе адутот во текот на партијата ниту еднаш не земе рака, тоа се вика чаљо и на тимот со адутот му се додаваат плус 252 поени на поените од извадените карти, а на тимот без адут му се пишуваат само поените од извадените карти.
Победник е тимот кој прв ќе стигне до 1001 поен.
Евидентирање на поените
Поените се евидентраат на хартија. Се прават две колони: Ние и Вие – тоа се називи за тимовите кои се користат. Поените на секој тим се евидентираат во соодветната колона.
Извори- Факултети.мк и www.badel1862.com.mk