Битолско минатоСо Пет(ар) во Пет(ок)Петар СтавревСпецијално за “Бабам Битола” “Родителскиот завет не заколнува со силен жар” – се првите стихови на химната на Власите чиј автор е Константин Белемаче. Тој е роден во битолското село Маловиште во 1849 г. а по смртта во 1934 г. погребан е на Влашките гробишта во Битола.Белемаче имал мошне бурен и возбудлив живот. Дел од него го забележал во книгата “Автобиографија” што во 2002 г. е издадена на македонски јазик со помош од романската влада за Власите од Македонија. Тој во стихови има напишано и книга со наслов “Моето прогонство”. Пред неколку години во неговото родно село Маловиште, веднаш под црквата “Св. Петка” е подигнат негов споменик-биста,а на куќата во ул. “Београдска” бр. 43 каде што живеел извесно време е поставена спомен плоча. Во организација на Комуната на власите-арманите “Браќа Манаки” беше организиран симпозиум за егзодусот на власите на кој беше третирано и делото на Белемаче (фото). Тој за време на својот живот многу патувал низ соседните земји и според зборовите на Нико Поп Никола не само што работел како просветен работник туку бил и голем талент- трибун кој ги поставил темелите на влашката литература.Поп Никола ја има и преведено на македонски јазик автобиографијата на Белемаче. Инаку во “Автобиографијата” во еден пасус е напишано и следното:Ние, од нашето село имавме многу трговци во повеќе места на Балканскиот Полуостров. Имавме дури и неколку милионери, така што Маловишта стана многу напредно село во сѐ. Во нашето село си можел да видиш куќи кои чинеа до 7-8 стотини лири. Во тоа време, Маловишта стана не како да беше планинско село, туку како да беше цивилизиран град од Европа. Носијата на мажите и жените беше европска. Намештајот по куќите на Маловиштани го сочинуваа скапоцени предмети.