„Бил некој бег многу задрт и пимпирлија. Живеел некаде кај Девеани. Кај него работел некој момок, младо и пргаво момче штотуку дојдено од село. Негово задолжение било преку цел ден да работи околу куќата и околу бавчата, но да носи и вода од некој извор од некое далечно лозје кај Сива Вода.

Таа за бего била најслатка и само од неа сакал да ја пие. Кутрио момок капнат по тешката работа, морал уште и секој ден еднаш, понекогаш и двапати со стомна во рацете да оди до Сива Вода. Се враќал со нозе одвај шо го носат. Така со години. Веќе му се боктиса живото.

Еден ден си рекол: ”Ај да пробам, да му однесам друга вода, дали ќе ја познај?!“ Така и напрај. Од кај ќе полни, од Драгоро ќе полни! Ја наполнал стомната некаде под Мосто кај Сали, си легнал во близината во нивјето, оти таму некогаш имало само нивје и чекал да му дојди часо за враќање. Кога дошол, станал и тргнал назад. Ги влечкал нозете и сега како да се враќа од Сива Вода. Штом го вишол, бегот побарал да пие оти имал нешто солено јадено. Од истиот извор наполна? праша, како шо прашувал и секој ден. Од истио, бегу! Чудно, ми се гледа поинаква! “Леле, ја позна”, се исплаши момокот. Ми се гледа послатка и поуба!-вели бего. Оттогаш момоко му носеше само драгорска вода и уживаше. (Соопштение на Мишко Василевски, пензионер од Битола)

Извадок од книгата Реката Драгор на Александар Стерјовски

Цртежи Едвард Лир