Црквата св. Троица била изградена од дрвен градежен материјал , кој со тек на времето го губел неговиот квалитет и насекаде имала дупки и трули штици. По кажување на фамилијата која има длабока поврзаност со црквата после Втората светска војна за неа се грижел некој битолчанец со име Васил, а по него доаѓа нивната баба Стојанка (р. 1900г.).
Таа со молба се обратила до поп Симон за да се одвојат пари да се реновира црквата. Црковната власт постојано и одговарале дека нема пари за тоа и така таа започнува сама со својата мала пензија да купува материјали и да ги плаќа мајсторите за нивната работа . Лебот и пиперот му биле секојдневие за да заштеди некоја пара која ќе ја вложи во изградба и реновирање на црквата и во годините 1960-70г. таа ја добила сегашната форма.
Баба Стојанка сите денови била присутна во црквата, многу сиромашни луѓе се крстени во црквата а таа сама ги плаќала поповите кои што доаѓале за крштевки и венчавка на тие кои што немале пари. Оградата околу црквата е изградена од нејзиниот син Александар, (Бучко).
Како што ни раскажува нејзината правнука Александра Божиновска Мишев: „Фотографијата е сликана од синот на Александар, Благој- Бао, мојот татко во тоа време одеше во фотографска секција и развиваше слики. Баба Стојанка имала појас кој го давала на жени кои не можат да забременат. Благодарение на тој појас многу жени забремениле а како благодарност ѝ испраќале пакети со подароци од различни земји.“
Стојанка починала на 87 години во 1987 г.. Поголем дел од животот и го посветила на црквата св. Троица, се замонашила како монахиња Херовима.
Починала на третиот ден по Прочка на Тримир. Како заслуга нејзиниот ковчег бил изложен на средината од црквата во знак за голема заслуга и почит. По нејзината смрт поповите кои што пееле во црквата св. Троица постојано ја споменувале за денот на мртвите.
Големите луѓе прават големи дела, а наше е тоа да го зачуваме и пренесиме на идните генерации.
Голема благодарност до фамилијата Мишеви и Божиновски.