Поминувајќи по старата калдрма низ новата пешачка зона од едната страна на река Драгор, во непосредна близина на кафе барот Улаф Сте не можите а да не го забележите малото украсено и шаренолико дуќанче, скоцкано со најразлични работи и асортиман до перфекција, шо викаат битолчани да не можеш мана да му најдиш. Оттука започна и нашиот интерес да ги контактираме и како битолчани и ние и вие да се запознаеме со нив.
Здраво до вас. Што е ArtMarketCup и кој стои позади него?
ArtMarketCup е едно катче кое со својата уникатност се стреми да ги задоволи и најпрефинетите вкусови. Се работи за уметност родена на порцелан. Творецот на идеата за ArtMarketCup сум всушност јас Весна која од неодамна започнав да ги пренесувам на платно моите мисли и емоции за тие со тек на време следствено да се пренесат и на порцелан. Најголемиот дел од творбите се сликаат на висококвалитетен Полски порцелан. Аплицирањето на таа моја емоција на мој својствен начин почнува значи со платното како дел од овој уметнички опус, потоа истата таа да ја пренесам на порцелан.
Од каде дојде идејата за една ваква продавница?
Сето ова кај мене дојде спонтано и само по себе впрочем како што доаѓа кај секој кој што работи ваква дејност. Само материјалот е различен, страста и енергијата се исти. Како што течеше целиот процес на работа следствено се роди и идеата за една ваква продавница. Работите секогаш си одат редоследно по својот тек и доколку ти оставиме самите да си течат- резултатот и успехот ќе им бидат својствен дел.
Што можат битолчани тука да пронајдат или по нивна желба да порачаат?
Продавницата изобилува со мои уникатни изработки, по нарачка се прават персонализирани парчиња, се работат цели сетови со висококвалитетни бои кои се долготрајни и не губат на квалитет. Времето на изработка зависи од комплексноста на дизајнот, некогаш и по неколку денови бидејќи се работи етапно и цел тој процес бара внимание и време. Емоцијата и љубовта вложена во секоја изработка создава многу чудно чуство кога се разделува од мене т.е кога оди во рацете на купувачот. Тука лежи предноста и богатството кое го поседува секој оној што работи рачни изработки и многу често парите како средство ја губат вредноста во однос на големината на парчето кое ќе ви го разубавува денот, секојдневието, животот.
Дали имате некои необични работи изработено или Ви имаат порачано?
Во овие необични времиња за создавање и споделување уметност со јавноста јас сепак се одлучив да ги раскажувам моите приказни токму на овој начин. Го вложувам цел мој труд и динамика без компромис и било каква селекција. Патролирајќи енергично сами се создаваат тие слатки приказни кои ги воодушевуваат минувачите покрај реката Драгор каде се наоѓа и мојот изложбен простор. Сакам да оставам трага во времето во кое создавам. За да може да ужива поголем дел од популацијата се одлучив и за online продажба која потпомогна да е поуспешна цела оваа приказна.
Која е вашата цел за изработка на сите овие колекции?
Целта ми е секој да се препознае во нешто, да ја задоволам сечија претстава за убаво бидејќи сме затворени во една мрачна база од која може да се излеза само со контраст т.е со нешто многу убаво – толку убаво што ќе ни ги дразни сетилата и ќе ни ги буди убавите емоции. А за да направиме нешто убаво – секое време е вистинско па така и ова. Луѓето сакаат зближување, сакаат да дадат подарок во знак на внимание и љубов . Луѓето сакаат кафе!
Битола и кафето, што може тука заедничко кај вас за нас да има?
Нашата Битола има историски податоци поврзани со културата на конзумирање кафе. Тој е посебен ритуал по кој ни го препознаваат градоткрепејќи го фактот дека во неа пиеле кафе повеќе Турски Султани. Моите рачно сликани шолји само ја надополнуваат таа љубов на пиење кафе. Една моја многу драга колекција ја посветив толму на овој сегмент: Битола со кафе во неа! Нека во неа уживаат следбениците на вашиот портал. Светот има шанса да се спаси и да живее само преку уметноста и љубовта. Среќна сум што сум дел од таа магија !
Со почит Весна ArtMarketCup