Архимандритот Партениј, игумен на Бигорската обител ја доби највисоката награда за трајни вредности, што по деветнаесетти пат ја доделува „Битолски весник“.
Наградите што ги доделува „Битолски Весник“ се признанија за најуспешни битолчани или луѓе што дале значителен придонес за конзулскиот град, од областа на речиси сите општествени сфери, духовноста, културата, уметноста, спортот, политиката, новинарството, модата, стопанството, економијата, занаетчиството…
Во официјалното образложение за доделувањето на оваа уникатна и високо достоинствена награда на Архимандрит Партениј, се наведени неговите заслуги за возобновување монаштвото во Бигорската обител и обнова на неколку значајни манастири на МПЦ.
-Македонското древно светилиште Свети Јован Крстител – Бигорски манастир, стожерот на македонската духовност, бисерот на мијачката архитектура, на импозантниот иконостас во манастирската црква, има долга историја и монашка традиција. За две години, во 2020 г., Манастирот ќе го прослави својот голем јубилеј – 1.000 години од основањето, навистина редок настан за нашата Татковина Македонија, за општежителното словенско монаштво, како и за Православието воопшто. По Божја Промисла, пред околу 23 години, некаде кон крајот на месец јули 1995 година, младото момче од Битола, тогаш 24 годишниот Зоран Фидановски, идниот о. Партениј, по неколку години минати во светогорскиот манастир Григоријат, со благослов на надлежниот Дебарско-кичевски владика, Митрополитот г. Тимотеј, ја започна својата благородната и особено макотрпна мисија за обнова и продолжување на вековната духовна традиција во ова македонско православно светилиште. Оваа духовна обнова беше повеќе од потребна зашто по упокојувањето на последниот монах и игумен Спиридон во 1948 година, монашкиот живот во Бигорски беше сосема згаснал, свети богослужби одамна немаше. Кога отец Партениј го пречекори манастирскиот праг, во него сите траги од монашкиот живот беа веќе избришани. Храмот на Претечата нечист, Долни палат руиниран, Горни палат во распаѓање, немаше ни електрична енергија, ни водоводна мрежа, ниту некакви основни услови за живот. Духовноста беше целосно замрена, стои во образложението за наградата.
Новинарот Младеновски вели дека била голема и тешка беше задачата што била пред тогаш младиот, но трудољубив архимандрит Партениј, новиот игумен на Бигорскиот манастир.
Бројни се неговите дела, но во оваа прилика ќе споменеме само дел од она што тој, заедно со своите монаси и монахињите, создадоа за изминативе 23 години. Така, во самото Бигорско светилиште запуштениот манастирски храм беше целосно очистен, реставриран и благолепно украсен; потоа на старите основи што го преживеаја пожарот од 1912 година автентично беше возобновен и надграден Долни палат; а после пожарот од 2009 г целосно беше возобновен Горни палат и од темели подигнат новиот, претходно непостоечки Источен палат. Во поглед на метосите, пак, најпрвин во 2001 година беа изградени манастирските конаци во манастирот ’Св. Георгиј Победоносец‘, во дебарското село Рајчица, така што овој бигорски метох, од штала за животни, стана бисер на современата македонска архитектура; во 2012 година долнореканското село Ростуше се закити со еден прекрасно архитектонско здание – храмот на Пресвета Богородица; во тек е и изградбата на бигорскиот скит ’Свети Кирил и Методиј‘ во селото Битуше, – каде што игуменот Партениј предвидел посоодветно место за летните кампови за веронаука за најмладите, што веќе неколку години наназад се одржуваат во Бигорски и Рајчица. А што се однесува до неговата неуморна грижа да го заживее овој крај, пред повеќе од една година, на самиот регионален пат под Бигорски, започна да работи ресторанот ’Куќа на Мијаците‘, исклучителна етно-градба, би рекле и споменик на мијачката култура од овој живописен и културно –историски многу значаен предел, вели Младеновски.
Според него заслугите на Архимандритот Партениј не се само во доменот на црковниот и литургиски живот на манастирите, туку и во големиот придонес во социјалниот елемент на луѓе кои западнале во кризи.
-Како искусен и добро образован духовен раководител, отец Партениј со својата крајна несебичност и пожртвуваност за другите и за Татковината, има примено под своја закрила илјадници души од Македонија и пошироко, помагајќи им да најдат утеха, спокој и решение на животните проблеми во ова наше совремие на голема духовна криза и општ пад на моралните вредности. Притоа, неговата поткрепа не е само од духовен карактер. Напротив, нашироко е позната неговата хуманитарна дејност на укажување материјална и финансиска помош на оние на кои таа им е најпотребна, како на поединци така и на цели семејства. Особено е значајна мисијата на Архимандрит Партениј за лекување и ресоцијализација на лица, претежно од помладите генерации, кои западнале во тешките пороци на наркоманијата, алкохолизмот, коцкањето и сл. Стотици и стотици млади души, под духовната закрила на отец Партениј, не само што успеале да се ослободат од канџите на пропаста и смртта, туку и целосно да се рехабилитираат и така да станат полезни членови на нашето општество…
Како човек на мирот и на љубовта кон сите луѓе, без разлика на нивната верска, етничка и расна припадност, Архимандрит Партениј ги издигна Бигорскиот манастир и манастирот во Рајчица во вистински центри на соживот во Мијачко-реканскиот крај од нашата земја. Со својот филантропски однос кон сите, тој успеа да го направи Бигорскиот манастир силен фактор на безбедноста, стабилноста и соживотот во тој крај, така што ова светилиште стана вистинска духовна оаза и културна знаменитост не само за православните верници, туку и за Македонците со мухамеданска вероисповед и за етничките Албанци од Македонија, кои имаат голем респект кон манастирот и кон неговиот игумен, посочи новинарот Младеновски доделувајќи му ја наградата на отец Партениј.
Извор Религија