Во минатото на денешен ден – ПРВИ АПРИЛ, Битола беше позната по масовното учество на организирани групи ученици во основните училишта од целиот град, по своевидно доживување наречено “КАРНЕВАЛИЈА”.
Сите живеевме во исчекување на тој Величенствен момент и ден, кога царуваше дружбата, пријателството и емпатијата од секој кон секого, без разлика кој од кое школо доаѓа. Просто, не можам и денес да опишам кога беше возбудата поголема ?! Дали тоа беа деновите на припрема на разновидните перформанси, најчесто по сценографија (и според “дарбата”) на класните раководители/ки пред настап, или пак потоа откако ке завршеше тоа животно – доживување..?!
Сепак мислам убедливо најпечатлив момент и најголемата возбуда, беше самото ДЕФИЛЕ на МАСКИ – групни или поединечно, со сета своја машта, шароликост и доживување кое трае, трае сеуште ТРАЕ ДО ВЕЧНОСТ.
Успеав да дојдам до фотографии на Мери Пешка од далечната 1957/58 год. како учесник од ОУ “Гоце Делчев” во улога на ПРАВА ПРИНЦЕЗА. Погледнете како изгледало малото девојче, благодарение на својата мајка и нејзината умешност и иновативност, со своите вешти раце – “жртвувајки” едно цело перде, да ја строса малата “принцеза” МЕРИ.
Инаку Мери потекнува од староградска Битолска Фамилија ПЕШКА, прочуени по првата слаткарска работилница и слаткарницата “Милка” – која уште тогаш имала соработка со Европски слаткарски брендови од Виена, Париз, Солун и мн. други. Денес Мери живее во Белград, каде после завршените студии “заплови” во брачните води, но никако Битола не ја заборави !
Димитрије Гиновски