Доколку некој ве поздравува со германскиот поздрав „Alles Gute“ или ве идентификува со „твоите Германци“, тогаш знаете дека вашата работа оставила значителен белег. Особено се гордеам со ангажманот во 2009 година за реставрација на градскиот часовник во Битола, каде што „моите Германци“ помогнаа во обновата на механизмот – вели проф. д-р Валентина Илиева
Центарот за германски јазик „Илиеви“ во Битола веќе четврт век претставува симбол на посветеност, образование и културна размена. Основан од мајката, проф д-р Валентина Илиева, со визија за германскиот јазик да стане прозорец кон светот, денес Центарот прерасна во една од најугледните образовни институции во регионот. Она што го прави оваа приказна уште поспецијална е менаџирањето кое денес го презема нејзината ќерка, Симона Монавчева, која го претвора Центарот во модерна образовна платформа, следејќи ги светските трендови и дигиталната трансформација. Во „Илиеви“ историјата и иднината се испреплетуваат, создавајќи успешен мост меѓу традицијата и иновацијата.
Оваа година се одбележува 25-годишнината од Центарот за германски јазик „Илиеви“. Како од денешна перспектива гледате на почетоците и на еволуцијата на оваа ваша приказна?
– Центарот за германски јазик „Илиеви“ беше основан на 1 октомври 1998 година, во Стаклената зграда во Битола. Започнавме со само 9 слушатели, кои го изучуваа германскиот јазик со тогаш најактуелниот учебник „Танграм“ од издавачката куќа Max Hueber од Минхен, Германија. Во тоа време, германскиот јазик речиси и да не беше застапен во Битола и пошироко. Ценам дека тоа беше храбар чекор – да се зачекори со германски јазик во град што важеше за франкофонски и каде англискиот сè уште се пробиваше. Сепак, германскиот јазик беше милуван од оние кои работеле во Германија, Австрија или Швајцарија, или пак имаа позитивни спомени од средби со германски туристи.
Освен вашата посветеност на Центарот, низ годините се фокусиравте и на интегрирање на германскиот јазик во основното и средното образование во Битола. Какви предизвици се појавија и како ги надминавте?
– Интересот за германскиот јазик постепено растеше, и се повеќе сограѓани бараа да се понуди германскиот јазик како изборен предмет во основните и средните училишта. Иако само во едно основно и две средни училишта се изучуваше германски јазик, денес тој е дел од наставните програми на сите основни и скоро сите средни училишта во Битола. Беше предизвик да се воведат нови учебници и нови методи на настава, особено кај професорите кои беа навикнати на постари пристапи. Но, со упорност, вложен труд и ентузијазам, успеавме да ги надминеме овие пречки. Моето мото е дека германскиот јазик не е тежок, туку е интересен и совладлив за секого – важно е само како се предава.
Бевте силен поборник за отворање катедра по лингвистика на Факултетот за учители при УКЛО. Колку е важна лингвистичката разновидност во денешниот глобализиран свет?
– Успехот на зголемениот број ученици кои го избираа германскиот јазик во училиштата создаде потреба за наставници, што го поттикна отворањето на двопредметната студиска програма македонски и германски јазик на Педагошкиот факултет во Битола. Лингвистичката разновидност во денешниот свет е од огромно значење. Јазикот е мост меѓу културите, и колку повеќе јазици познаваме, толку подобро се снаоѓаме во глобализираниот свет. Како што кажа Јута Лимбах од Гете-институтот: „Англискиот е неопходност, а германскиот е плус.“
Во вашата улога како советник за меѓународни односи на УКЛО, кои беа клучните иницијативи или партнерства што сте ги развиле?
– Горди сме на соработките со универзитетите од Бамберг, Кајзерслаутерн, и Педагошкиот универзитет од Цирих. Овие партнерства се круцијални за признавање на дипломите на факултетите и единиците на УКЛО во Сојузна Република Германија.
Како го оценувате вашето влијание врз јазичното образование во Битола и пошироко?
– Доколку некој ве поздравува со германскиот поздрав „Alles Gute“ или ве идентификува со „твоите Германци“, тогаш знаете дека вашата работа оставила значителен белег. Особено се гордеам со ангажманот во 2009 година за реставрација на градскиот часовник во Битола, каде што „моите Германци“ помогнаа во обновата на механизмот.
За време на вашиот мандат како почесен конзул на Австрија, спроведовте бројни иницијативи за културна размена. Какво влијание имаа тие врз локалната заедница?
– Отворањето на Австриската библиотека во Битола во 2001 година беше голем чекор напред. Таа е не само библиотека, туку и центар за културни манифестации, каде што редовно организиравме настани за промоција на германската култура. Дополнително, симпозиумот и изложбата „Конзулска Битола“ ќе останат запаметени од историчарите од земјата и странство.
Како вашата дипломатска служба ве научи на клучни лекции кои ги применувате во образованието и меѓукултурната комуникација?
– Највредната лекција е дека за успех во меѓународната соработка е неопходно длабоко разбирање на културите и јазиците. Тоа го применувам секојдневно во мојот пристап кон образованието и кон развојот на меѓукултурна емпатија.
Вашата ќерка, Симона Монавчева, прави значајни чекори во јазичното образование. Како се разви Центарот под нејзино раководство, и кои се новите иновации што ги воведе?
– Со младешки дух и енергија, Симона продолжува да ја води успешната приказна на Центарот „Илиеви“. Под нејзино раководство, училиштето го прифати дигиталното време, овозможувајќи онлајн настава и достапност на глобално ниво. Флексибилноста и индивидуалниот пристап остануваат клучни за успехот.
Како ја интегрирате технологијата во наставниот процес и како тоа влијае на учениците?
– Технологијата, преку платформи како „Зум“ и „Мудл“, овозможува флексибилност и интерактивност. Учениците активно го користат германскиот јазик од првиот ден и стекнуваат вештини за самостојно учење, што го зголемува нивниот успех и ангажираност.
Како учењето германски јазик ги отвора вратите за македонските студенти на глобално ниво?
– Германскиот јазик е клуч за многу можности, како стипендии и студентски размени преку програми како Еразмус+. Центарот „Илиеви“веќе 25 години им помага на учениците да ги остварат своите образовни и професионални цели во Германија и другите германскојазични земји.
Која е вашата лична филозофија што го поттикнува вашиот пристап кон образованието?
– Мојата филозофија е дека секој може да научи, но не секој пристап е за секого. Во Центарот „Илиеви“, ние користиме индивидуализиран пристап за да го извлечеме максимумот од секој ученик.
фото: Коста Дупчинов