Во резултатите што ги објави Државниот завод за статистика за пописот што беше одржан во септември 2021 година, Општина Битола има население од 85 164 жители или 10 221 жител помалку во споредба со претходниот спроведен попис во 2002 година, кога во градот Битола и 65-те села имало 95 385 жители.
Како и во претходниот попис, Општина Битола е повторно втора најголема општина во Македонија – повторно на прво место е Куманово со 98 104 жители.
Во однос на половата структура, во Општина Битола има 43 319 жени, а 41 845 мажи и според овие бројки, жените за 1 474 во Општината се побројни од мажите.
Од населението кое се изјаснило за својата национална припадност, 69 182 (81,2 %) се Македонци, 4 018 Албанци, 2 890 Роми, 1 205 Власи, 1 174 Турци, 359 Срби, 49 Бошњаци, 782 останати и за 5 505 жители или 6,4 % од населението не е наведена национална припадност бидејќи се наведени како ‘Лица за кои податоци се преземени од административни извори’ и не се опфатени со теренско попишување.
Во соседните општини во битолскиот дел на Пелагонија и Мариово исто така имаме намалување на населението, односно запишани се 5 283 ж. во Могила и 2 648 ж. во Новаци.
Пелагонискиот Регион во првиот повоен попис во 1948 година имал 223 797 жители, а највисокиот број бил достигнат во 1981 година кога деветте општини во Регионот заедно имале 290 573 жители. Во 2002 година таа бројка е намалена на 238 136 жители, за во најновиот попис од 2021 година да изнесува 210 431 жители, што е намалување за 11,6 % во однос на претходниот попис.
Државниот завод за статистика сè уште ги нема објавено податоци за население одделно по населени места.
Христијан Аџиоски