АЛЕКСАНДРА СИМОНОВИЧ (QUEENDARK_INK)

Родена сум во Битола, а работам како акушерка инструментарка на Гинекологија во Клиничка Болница –Битола. Отсекогаш сум била личност која рефлектира разновидни амбиции , од доследност и упорност кои важат за позитивни особини на карактерот, до мрзливост и незаинтересираност во одредени ситуации кога сум немала интерес за нештото. Секогаш ги поттикнувам луѓето околу мене да се борат за она што го сакаат и веруваат во тоа што го прават.
Мојата љубов кон тетоважите датира од многу одамна, секогаш сум се восхитувала на одредени стилови во уметноста,на одредени уметници и изработката на ремек дела и начинот на кој тие биле пренесувани на кожа.

Од мала сум била љубител на истата , но животните патишта не ни дозволуваат секогаш да го правиме она што сакаме,сум била и одбивана од еминентни Македонски артисти за да ме школуваат за тетовирање се до моментот дури решив да се тетовирам јас и да го посетам студиото на мајстор Корле.

До тој ден , тетовирањето ми изгледаше недостижно и нешто што го работат само (од Бога одбрани) , но низ разговор со мајстор Корле , се договоривме да одам и да гледам како работи , па ако се пронајдам да почнам и јас да учам . Така и почнав да цртам со молив и да вежбам со машинка на вештачка кожа и да го живеам мојот сон, кој до ден денес сеуште трае и не мислам да престанам никогаш, љубовта кон самата ми е најголем мотив секако со поддршка од моите најблиски. Тетовирањето е збир од различни стилови и техники , и на нивното учење и надоградба им нема крај никогаш.

Низ времето сум имала моменти кога сум сакала да се откажам (многу пати) , но тој секогаш бил тука да ме разубеди дека она што го сакаме не доаѓа преку ноќ , (всушност истото тоа што сум им го порачувала јас на пријателите и блиските од мојот круг), и никогаш не сум помислувала дека еден ден ќе треба мене некој да ме охрабрува .

Затоа пак ќе им порачам на сите оние кои сакаат да прават нешто во животот кое ќе ги исполни а немаат самодоверба или доволно храброст да почнат, само храбро и не се откажувајте од вашите соништа, се согласувам дека е потребна жртва и одрекување од многу работи, но на крајот од денот ќеси легнете задоволни и исполнети .

РЕНАТА ЈОВАНОВСКА (RENNE)

Беспрекорниот изглед е императив на современото време, али ништо помалку како што било векови наназад. За повеќето луѓе да се чувствуваш добро, значи да бидеш задоволен и со својот изглед. Залудни се предупредувањата дека убавината е пролазна, да е скриена во очите на посматрачот, и дека вкусовите се разликуваат. Сево ова никогаш нема да ги спречи луѓето а пред се жените да се стремат кон убавина.

Времињата се менуваат, но копнежот за убавина и совршенство изгледа останаа исти. Копнежот да луѓето се стремат своето лице и тело да го прилагодат на новите времиња и трендови не е само во новото време , тој е стар колку и самиот човечки род. Како се менувале вековите така се менувала и модата, само желбата за убавина останала иста . Во моментот се популарни што поприродни и погусти веѓи, тие се многу важен естетски дел на лицето а делуваат многу на мимиките и изразувањето на емоциите.

Важноста која во последно време се придава на веѓите, нивниот облик, дебелина и боја е во потполност оправдана. Модата е клучна и покрај тоа што се изнагледавме многу танки, па скоро до потполно искубени веѓи, исцртани со креони. Конечно можеме да воздивнеме. Нажалост многу остануваат без тој значаен детал на лицето, можеби поради некакви несреќи, лузна од некоја последица, изгореница, некоја системска болест, болест на штитната злезда, лупус, дерматитис, користење на некои лекарства кои како нус појава им е губиток на коса и веѓи или едноставно низ годините си играле со пинцета. Микроблејдинг техниката спаѓа во групата на трајна шминка всушност тетоважа. Секој артист треба да има добра рака за тоа, смисол и идеа. Како кај веѓите исто исто многу популарна е трајната шминка на усна и очи. Се подобрува изгледот, па жената изгледа посвежа и со тоа се подобрува и самодовербата.

Мојата прва љубов и копнеж отсекогаш била тетовирањето како уметност … но и убавината и како до подобар изглед. На тоа поле се чувствувам своја и знам дека тука припаѓам . Па пред околу 7 години нешто слично како тату техника стана достапно и во нашиот регион. За мене предизвик возбуда и најслично до тоа што го сакам (тетоважите). Тогаш одлучив да ја осознаам и научам трајната шминка и микроблејдинг, техниката до тогаш непозната за нас жените овде во Македонија и тоа е исто нешто во кое што се пронајдов, ми стана љубов и секојдневна опсесија.

Па прва клиентка си бев јас, а следна мојата мајка , мојот благослов и најголема поткрепа без која не би можела да успеам понатаму. Учев во Ана Икстрим Академи каде што од пред неколку години сум и Мастер едукатор. Правам самостални и групни курсеви, а исто можам да се пофалам со одлични уценици, кои сега се мои колешки и успешно работат. Сме имале и доста семинари и голема заинтересираност во оваа област. Доста често освен Прилеп имам клиентки во Скопје а и надвор од државата, малку напорно но со добар план до успешна реализација .

Имало доста интересни и убави моменти во моето студио како и пријателства и луѓе кои ми останале како семејство. Како подлога за да почнам да работам со сето ова ми бил сонот длабоко во себе кој недостасувал ( тетовирањето ). По долги години размислување и потрага (каде да учам) на социјалните мрежи од неодамна го пронајдов Сашо Корлевски- Корле.

Прекрасни и врвни изработки, долгогодишното искуство беа одличен момент да стапам во контакт за да ми даде прилика да дојдам и да учам од најдобриот. Голем човек. Преблагодарна сум што имам можност воедно и полека да си го остварам мојот сон. Во Корле Тату студио исто така ги работам клиентките од Битола оние кои не се во можност да дојдат во Прилеп поради превоз. Цената е складна за сите техники што ги работам во однос на моите колешки. но периодично правам бесплатни ваучери за самохрани мајки и оние на кои најмногу им е потребна. До пред извесно време покривав туѓи лоши изработки и стари тетоважи, но сега веќе не. Од причина што секој треба да е внимателен во изборот кај кого ќе ја даде довербата, а и сакам моите изработки да си бидат чисти убави и да изгледаат како што доликува на секоја жена.

Можам да кажам дека интересот од самиот почеток и сега е со ист интензитет , иако има многу нови артисти. Кај нас жените сакаат да бидат средени без разлика на старосна година, сум имала клиентки и на 90 год возраст и на 70 па надолу. И тоа е јасен показател дека сме еден чекор понапред од закоравените правила и навики. Жената треба да биде убава во секоја доба од нејзиниот живот. Во изборот на форма дебелина на веѓи или боја на усна секогаш сум во договор со клиентот и ги слушам нивните желби, се разбира не во целост. Но давам совети и заедно доаѓаме до посакуваниот изглед било тоа биле веѓи или трајна шминка. Доколку не можам да најдам средина меѓу мене и клиентката, во однос на нејзината желба, а сметам дека не е прикладно или добро за неа , едноставно не ги работам. Терминот се откажува. Би им препорачала на сите жени да бидат внимателни при изборот каде ќе ја дадат довербата, многу опции за разубавување, но исто толку и за уништување.

ЕЛЕНА СИМОНОВСКА

Креативноста и желбата за цртање ја имам од најмала возраст. Секој е креативен на еден или друг начин , јас мојата креативност ја изразував на лист хартија , често знаев да цртам и на зид, на шољи , па дури и на кафе.
Моите први тетоважи ги ставив веднаш кога станав полнолетна, скришно- секако. Со нетрпение чекав да наполнам 18 и да дотрчам кај првиот тату артист само за да ме „чкртни” и така пријатно или непријатно да ги изненадам моите родители. Кои секако, моментално ми се голема поддршка.

Цртав портрети од мала возраст , немав никакво школо за уметност. Сѐ што знаев беше моливот, моливот не го заменував за ништо. Но ете, кој би рекол – моливот е заменет со машинка за тетовирање. Се започна кога кажав пред мојот брат што сакам , но тогаш мислев ќе си остане само желба, си викав „тоа неможе да го прави секој”. Но верувајте понекогаш е доволно да посакате и машинка да ви стигне пред врата.
Првпат во раце зедов машинка и ја нацртав првата тетоважа пред неполна година и не планирам да ја пуштам од рака.

Дали се плашев? И тоа како, не само раце туку и нозе ми се тресеа. И не само првата , туку и многу наредни. Секоја наредна е нов голем предизвик кога си почетник, но и секоја поубава и поголем мотив за да продолжам.

Понекогаш дури се молев да не дојде клиентот од страв, сакав да се откажам. Но како велат? „Ако сонот не те плаши, не е доволно голем”. Па продолжив натаму со таа мисла.

Мојата прва тетоважа беше далеку од совршена, но доволно добра за мотивација да научам повеќе. Па така сфатив дека тетовирањето е уметност отсликана на кожа, во која тату артистот може да го изрази значењето или споменот на клиентот преку својата креативност. Секако, уметноста на кожа не е иста како уметноста на лист, па најдобро е да се советуваш со професионалци од таа област.

Во мојот случај добив шанса и огромна помош од мајсторот Сашо Корлевски- Корле, за што му сум многу благодарна за досегашната можност, а и понатамошната можност за учење и соработка. Благодарение на него, сега можам да напредувам и надоградувам и да го живеам мојот сон!

Секако , имам се уште мноогу за учење, но да знаете: „Денот кога ќе го посадите семето, не е денот кога ќе го јадете овошјето”. Затоа верувајте во себе и не се откажувајте од вашиот сон, колку и да изгледа недостижен во тој момент!