Не сум битолчанец ама стариот битолски Народен театар беше и остана љубовта на мојата младост. Во него и низ него ги поминав најубавите и се’уште назаборавни мигови од областа на културата и уметноста: театарска, литературна, музичка, рецитаторска. Во него го поминав скоро целото слободно време во текот на петте години како ученик во ШЗНУ „Браќа Миладиновци“. Пет денови во текот на неделата се откажував од доручекот што се состоеше од една кифла или ѓеврек и со 5-те заштедени тогашни банки купував карта за стоење во „галерија“. Подоцна, по случај на околностите, ми беше дозволено кога сакам и колку сакам да престојувам во него, да се движам низ него дури и да ги почувствувам сценските штици под нозете.

Гледалиштето беше во вид на потковица: два спратови со ложи прекриени со тешко кадифе (боја – вишна), партер, а најгоре – галеријата.

Беше институција со сопствена работилница за сценографија, просторија за изработка и чување на перики (машки и женски), бради, мустаќи, со шивачница за изработка на костими, со машки и женски гардероби, со бифе во кое се пиеше и само за себе беше „театар“, со шминкери и шминкерници.

Со чувство на гордост се присетувам на познатството, дружењето, разговорите и советите од актерските легенди: браќата Димче и Ацо Стефановски, Ратка и Трајче Чоревски, Олга и Душко Наумовски, Јосиф Јосифовски, Киро Лавчански, комичарите Џеки и Бабецот, подоцна и Јоана Поповска, Љубиша Трајковски и уште некои други кои сум ги испуштил. Тоа беше еден од најдобрите театарски ансанбли во тогашна СР Македонија и пошироко.

Според мене ќе беше од непроценливо значење ако во сегашниов Центар за култура се вградеше (вклопеше) барем гледалиштето со партерот, ложите, галеријата и сцената. Ќе беше идеално за посебни културни и уметнички пригоди.

Славко Крстевски

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here