Како човек кој со години работи со кучиња од секаков карактер – агресивни, уплашени, напуштени – и кој реално ги познава нивните реакции, однесување и психа, чувствувам морална должност да понудам конкретно, одржливо и хумано решение за проблемот со уличните кучиња кој сѐ повеќе ја загрозува безбедноста на граѓаните во Битола.
Иако пред извесен период ми беше понудена работа како шинтер, не бев вработен бидејќи не поседувам формална диплома – иако го поседувам највредното: знаење, искуство и резултати. Јавно изјавувам дека не барам работа од потреба или корист, бидејќи работам и не сум зависен. Но, овој проблем нема да може да се реши без луѓе што знаат што прават и што се подготвени да сносат одговорност.
Ако би бил вработен службено како шинтер, со соодветна поддршка, гарантирам дека за две недели ќе го решам проблемот со уличните кучиња – безбедно, хумано и ефикасно. Без насилство, без повреди – ниту за луѓето, ниту за животните.
Истовремено, апелирам до сите љубители на животни и сопственици на миленици: во градот се појавија голем број случаи на намерно фрлање отров. Таквото нешто е казниво и нечовечно. Решението не е во злосторства, туку во одговорен и стручен пристап.
Предлог-иницијатива:
1. Формирање на посебна служба за работа со улични животни, во соработка со дресери, ветеринари и општински служби.
2. Вработување на лица со реално искуство, не само со дипломи, туку со способност за хумано справување со проблемот.
3. Едукација на граѓаните за одговорно сопствеништво (кучиња не се оставаат на улица).
4. Контрола и следење на вдомени животни, спречување на повторно враќање на улица.
5. Создавање програми за социјализација и обука на улични кучиња, за да можат да бидат вдомени или сместени во соодветна средина.
Ова не е само предлог – ова е спремен и спроведлив план. Ако се вклучат вистински луѓе на вистински позиции, проблемот нема само да се ублажи, туку и целосно ќе се реши.
За граѓаните да бидат безбедни. За животните да бидат згрижени и заштитени. За Битола да покаже дека знае да се грижи – и за луѓето, и за животните.