Пред големиот празник, трговскиот центар Bliss во Битола се претвори во сцена на детска креативност, солидарност и вистинско заедништво. Веќе втора година, Cosmic Easterland, настанот организиран од компанијата Cosmic Development беше празник пред празникот – наменет за поддршка на најмладите.

Децата од битолските градинки се претставија со свои изработки и настапи, а секој украс, секоја песна и секој насмевка беше дел од една поголема мисија: да се обезбедат нови креветчиња за градинките во градот.

„Во сите градинки има потреба од нови креветчиња – деца се сè повеќе, а дел од постојната опрема одамна ја надминала својата употребна вредност. Сакаме да им обезбедиме удобност и безбедност – онаму каде што растат, сонуваат и учат,“ изјавија претставници на градинките.

Cosmic Development, со години активен поддржувач на општествено одговорни иницијативи, овој пат се посвети токму на градот каде што се наоѓа најголемата канцеларија на оваа глобална компанијата – а тоа е Битола.

„По нашата донација за настраданите во Кочани и огромната лична донација од основачот на Cosmic – Крис Павловски – знаевме дека сакаме да направиме нешто и за нашата локална заедница. Cosmic Easterland е наш начин да кажеме: се грижиме. И сакаме тоа да се почувствува“, изјавија од тимот на Cosmic Development Битола.

Настанот беше реализиран со несебичната логистичка поддршка од Општина Битола, а Bliss ги отвори вратите за сите кои сакаа да подадат рака – или да купат дело создадено со детска љубов и инспирација.

Битола покажа дека хуманоста не бара големи зборови – туку мали гестови што оставаат трага.