Јужниот рид од Битола бил познат како Тумбе Кафе и уште во средината на 17 век веќе привлекувал внимание и оставал восхитувачки впечаток и врз
граѓаните и врз гостите и со својата местоположба и со пребујното зеленило.

Му предизвикал интерес и на Хаџи Калфа, османлиски патешественик од 17 век, кој го регистрирал во својот патепис. Дали заради пожари или безмилосната сеча за огревно дрво за домашна употреба и за бројните амами, ридов исцело беше се оголел. Свој прилог во
тоа дала и војската која на дел од него ги сместила и магацините за муниција (џепането) за чија заштита од пожари и удари од гром отстранила и најмала
грмушка и никогаш тој не би станал она што е денес доколку не се јавиле вљубеници кон зеленилото и убавината, каков што бил валијата Абдулкерим паша.

Во неговиот севкупен зафат за зелено облагородување на градот и околината во 1900 год. нему беше му посветил посебно внимание, набавил и расади од листопадни дрвја, најмногу јорговани, го облагородил со патеки и придружни објекти, всушност, му ја вратил некогашната восхитувачка привлечност. Покрај него, заслужни станале и неименувани поединци кои, понесени од зеленилото и градската самофалба, во 1911 год. организирале и јавен
ручек за султан Решад Петти, кога како дел од неколкумесечните интензивни сеопшти подготовки, допрен бил и тој. Тогаш се проширил и уредил патот, се нивелирало земјиштето каде требало да се постават масите за теферичот, се подигнале или се обновиле неколку придружни објекти, се обрнало внимание и на водата, преку високиот гостин оттука се испратила и порака до сите дека „Болниот од Босфорот“ не е болен, дека е витален и траен.

Доминантна полумесечина, невиден монумент дотогаш во Битола, истакната на највисоката кота требало го направи токму тоа, да ги обесхрабри сите подземни копачи, и домашни и странски, дека империјата не е на распродажба и не е на издишување. Заради сите тие подготовки, најмногу зашто најголемото уживање станало од висина и во ладовина да се пие кафе, ридов почнал да се именува со „Домеке’, со значење „серпентини што водат кон врв на рид каде што се пие кафе“, односно, понародено и поедноставно, Тумбе Кафе.

Популарноста и одржувањето на Тумбе Кафе особено нараснало по Првата светска војна кога врвулици од групи и поединци во континуитет го опседнувале, посебно во неделните и празничните денови.

Пензионерите доминирале па во белградската „Политика“ со право се тврдело дека ридов прераснал во „Замок на пензионерите“, додека меѓу средношколците најпопуларни станале ѓурѓовденските излети. Посебна, голема „ѓурѓовденска“ посета и забава се случила и на 6 мај 1923 год. Првин пристигнале средношколците, по нив многуброен народ, а во 10 часот и војската со нејзината бучна музика, па престојот станал незаборавен.

Следниот месец се повторило истото со истиот вознес и задоволство и така по ред секоја
година и на секој празник и неработен ден. На 17 јули 1938 год. не само што кермесот и концертниот дел биле посебни, посебна станала и игранката.
Некаде пред војната се одржувале и полугласни состаноци на симпатизерите и на самите комунисти од градот.

Локалната самоуправа се трудела колку што може да го одржува со атрибутите што ги стекнало, патем и да ги надградува. Најпрвин се поправил. патот, потоа во 1929 год. се извршила санација и на чешмата, а за поширокото реновирање на околината и објектите (се очекувал поголем број гости од Германија и Франција) во 1936 год., вложени биле 2.000 дин., кое продолжило и во наредните години.

Признавајќи ги заслугите на Абдулкерим паша за уредувањето на овој дел од Битола, битолчни ридов веќе го имале прифатено како Керимпашино Брдо. Меѓутоа, како што биле преземани акции за промена и на други османлиски траги се очекувало тоа да се случи и со него, па од Кермипашино Брдо станало Александрово Брдо на 26 јуни 1921 год., под силно влијание на месниот епископ Јосиф, кое Милтон Манаки ќе го овековечи со својот фотографски апарат.. Таквата измена не била последна, станал и Симеоново Брдо, според бугарскиот претстолонаследник, па и Титово Брдо, но трајно остана Тумбе Кафе додека во 1957 год. Народноослободителниот одбор од Битола не донесе решение да стане парк-шума.

Павилјонот што се наоѓал тука се издавал под закуп и на Општината долго време и носел значителен материјален приход. Преку лицитација во 1926 год. за 4.000 динари годишно го добил лесковчанецот Лазар Мишиќ, 1
за 700 динари за 1931 год. ќе го користи и Ставре Самарџиќ, 1666 за време од три години со месечна кирија од 472,50 дин., почнувајќи од 1934 год. го имал и Атанас Христодуло, од што може да се заклучи дека посетеноста за цело време била на високо ниво. По ослободувањето била подигната и „Летната сцена“ која започнала
да го привлекува граѓанството, меѓутоа не за долго, во близина била организирана 300 градината па театарските и кинопретставите станале бесмислени.

Извадок од „Градби“ на Александар Стерјовски