Документарен филмски запис за посетата на султанот Решад V во Битола, 1911 година

Филмот започнува со секвенцата на пристигнувањето на султанот на железничката станица во Битола и неговото заминување кон зградата на општината каде престојувал за време на неговата посета на Битола. Следува најимпресивниот дел од оваа сторија, извонредно долга секвенца од парадата која се одвивала пред султанот, пред зградата на општината, во која учествувале припадници на сите народи и верски заедници во Отоманската Империја, потем претставници на сите општествено-политички, воени и верски структури. Биле застапени сите возрасти, деца од најмлада возраст до постари мажи и жени.

Освен оваа парада пред султанот, во филмот се забележани неколку негови парадни прошетки низ улиците на Битола, како и патот и престојот на излетничкото место крај Битола, Тумбе Кафе. Филмот завршува со заминување на султанот од железничката станица во Битола.

Целото видео е реализирано од браќата Манаки кои имале дозвола да се движат со султанот и да снимаат во текот на целиот негов престој во Битола.

Архив: Кинотека на Република Македонија