ТОДОР АНГЕЛЕВСКИ – СТРОГОВ (ТОШО ДАСКАЛО)

На 23 јуни 1943 година во с .Лавци, битолско, многубројна бугарска фашистичка војска и полиција по неколку дневна блокада и претреси во селото и по предавството од шпионот Димо Пафтаро, ја открила и запалила плевната каде се криел Тошо Даскало од каде тој давал оружен отпор, но немајќи друг излез поставил бомба под себе и се самоубил. Така го продолжил херојскиот партизански завет-никогаш да не се предадат живи во рацете на фашистичкиот непријател. Неговите посмртни останки бугарските фашисти ги фрлиле во буре, а неговиот череп го зеле како воен плен-трофеј. Тодор Ангелевски се родил на 04 јануари 1910 год., во семејството на Петре и Неда Ангелевски. Неговиот татко се занимавал со занаетчиство, имал фурна во Битола, па иако било бројно семејство (6 браќа и сестри), можеле убаво да живеат. Основно образование завршил во с.Лавци, а нижа Државна реална гимназија во Битола. Во учебната 1925/26 год. се запишал во Учителската школа во Прилеп, а ја завршил во 1929 год. Својата учителска дејност ја започнал во Гњиланско, истата година. Во 1930 заминал на отслужување на воениот рок во Школата на резервни офицери во Сараево и се стекнал со чин потпоручник. По завршување на воениот рок, иако барал работа во битолската област, бил упатен на работа во штипско, прво во с. Дољане, подоцна во с. Карбинци каде останал од 1931- 1936 год. Таму го добил надимакот – Тошо Даскало. Во 1936 би преместен во училиштето во Ѓавато, подоцна во с.Цапари, а во 1941 бил назначен за учител во с.Лавци. Неговата учителска дејност била значајна во образованието на идните борци од овај дел на битолско. Бил учесник на заедничката учителска конференција во Битола и на учителските колонии во Ивањица, во с.Асамати и Сијариска бања (кај Лесковац) каде се развивала напредната комунистичка свест. Бил еден од организаторите на набавно-продајната задруга во с.Ѓавато во 1938 со цел да им се овозможи на селаните полесно и поефтино снабдување со потребните артикли. Во 1939 год. станал член на КПЈ и на партиската ќелија во с.Ѓавато и заедно со Трајан Белев-Гоце бил организатор на партиските келии во селата Рамна, Цапари, Доленци, Ротино и др. Во 1940 год. станал секретар на Првиот реонски комитет на селата северозападно од Битола во т.н Кажански регион. По бугарската окупација, организирал акција за собирање и складирање на оружје. Во јуни 1941 ја формирал првата организација на СКОЈ со три скоевски групи во с. Лавци. Бил еден од организаторите и учесниците на демонстрацијата во Битола по повод Илинден на 2 Август 1941 со која се оневозможила намерата на окупаторот за присвојување на Илинденското празнување. Бил еден од организаторите и борците во Првиот партизански одред “Пелистер“. Во јуни 1942 год, станал командант во Битолскиот окружен оперативен штаб, а на 6 јули учествувал во формирањето на битолско-преспанскиот одред “Даме Груев“ и во борбените акции во с.Смилево на Илинден 2 август 1942, како и во нападот на полицискиот подучасток во с. Кажани на 18/19 август 1942. Како командант на оперативниот штаб, ги формирал одредите “Јане Сандански“ и “Гоце Делчев“ и учествувал во нивните борбени акции. Во мај 1943 е назначен за командант на Штабот на Втората оперативна зона која ја опфаќала Западна Македонија.

На 16 јуни 1943 Тошо Даскало добил задача да замине од леринско костурскиот крај, заедно со 16 борци, за да се поврзе со битолската партиска организација и да привлече нови борци. Ова група била предадена од еден нивни член (Димче Гулевски–Крстоарчето) заради што бугарските фашистички сили ја извршиле блокадата на потпелистерските села, меѓу кои и с.Лавци. Во таа блокада загинал Тодор Ангелевски-Строгов. Тошо Даскало заедно со Стив Наумов и др. во септември 1942 бил осуден од бугарските власти на смрт-во отсуство, неговата глава била уценета со 200.000 златни лева, но не била исплатена бидејќи сам си го одзел животот. За смртта на херојот е снимен филмот “Македонскиот дел од пеколот“, по сценарио на Славко Јаневски и режија на Ватрослав Мимица. Тој е главен јунак во делото на Панде Ташковски “Доследни на заветот“, а Јован Кочанковски ја напиша неговата биографија “Тодор Ангелевски-Строгов“.

Сојуз на борци Битола