Панде Кајзеро загинал на 22/23 јуни 1943 година, во с.Лавци, битолско, во нерамноправна борба со бугарскиот фашистички непријател. Во таа борба тој убил 14 бугарски војници, а со последната бомба се самоубил. Роден бил на 15 јули 1923 година. Потекнувал од земјоделска фамилија, а и самиот бил земјоделец. Со основно образование се стекнал во родното село. За неговото комунистичко определување голема улога имал Тодор Ангелевски-Строгов, организатор на движењето на Првиот регион. Кон крајот на 1942 година, Панде Кајзеро се вклучил во партизанскиот одред „Јане Сандански“ и со него учествувал во акциите кај Српци-Беранци и други. Во март 1943 година дел од одредот „Јане Сандански“ меѓу кои и Панде Кајзеро се приклучил кон одредот „Дамјан Груев“. Учествувал во акциите на овој одред во леринско-костурскиот крај особено при разоружувањето на тамошните контрачетници.

Во јуни 1943 година група од 16 борци од потпелистерските села добиле задача да заминат во битолско заради поврзување со напредни младинци со цел да се зголеми бројот на партизаните. Оваа група била предадена-провалена. Силна фашистичка војска и полиција извршила блокада на потпелистерските села особено на с.Лавци. Заедно со неговиот другар Панде Ташковски, тој се обидел да ја пробие блокадата при што наишле на заседа. Во нерамноправната борба од кога ја потрошил муницијата, несакајќи жив да се предаде на непријателот, почитувајќи го заветот-хероите живи не се предаваат, тој се самоубил со последната бомба.

Сојуз на борци Битола