Во малата анкета на една од битолските фејсбук страници „Битола во моето срце“ битолчани беа запрашани за бојата на Офицерски Дом, дали е поубав да е бел како што бил некогаш претходно (бел, бело, чистина, офицер) или како што е сега темна крем боја, најверојатно според желбите на некој кој можел да делува со образложение дека таа била неговата оригинална боја.

89 од анкетираните се изјаснија дека крем бојата повеќе му одговара во споредба со другите 613 битолчани кои повеќе би го сакале во бела боја, заедно со многубројните коментари ТУКА.

Пред недела дена од страна на Државниот Архив одделение Битола за 4-то Ноемвриската награда за животно дело до Општина Битола беше предложен осумдесетгодишниот Петар Ставрев роден 1941 г. во Битола, просветен работник, новинар, фотограф, фото-репортер, документарист, ТВ-репортер, уредник, автор, хроничар на градот Битола, планинар, репрезент на Битола и урбана личност без која не може да се замисли животот на Широк Сокак, поддржан со препорака од нас (www.babambitola.mk) , Здружението на пензионери – Битола, Народна техника-Битола, ПСК “Ѓорги Наумов” – Битола, ПСК “Пелистер” – Битола, , Регионална занаетчиска комора – Битола, Сојуз на борците на НОАВМ и граѓаните поддржувачи од Битола, Емил, Никола и Борислав Главинче, Петар Георгиев – Калица, Панде Димитровски, проф. Д-р Трајче Дојчиновски, Жанета Здравковска, Проф. д-р Роберт Јанкуловски, Академик Владимир Костов, Проф. Ѓорги Лазаревски, Менде Младеновски, м-р Валентин Соклевски, Арети Сидовска, Калиопа Кривашија Сталиновиќ и Проф. д-р Александар Стерјевски,

додека наградата 4-ти Ноември за животно дело со 5 гласа од вкупно 9 ја доби 65 годишниот глумец Петар Мирчевски Пивцето р. 1956 г. во Крушево, познат актер вработен во Народниот Театар во Битола каде има учествувано во околу 150 театарски претстави и над 40 филмови, добитник на повеќе награди, како: „4 ноември“, „Млад борец“, „Војдан Чернодрински“ (трипати), Екрановата награда, „Златна маска“ на Охридско лето и наградата за животно дело „Петре Прличко“, 2011 година ја добил наградата на театарскиот фестивал „Денови на Нушиќ“ кој се одржал во Смедерево, Србија, а во 2019 година, Мирчевски ја добил наградата „11 Октомври“ за животно дело.

И тука наместо нас одлучи некој друг, комисијата од еден претседател со осум членови, од кои за добитникот гласале само 5, наместо ние битолчани.

Муабетот ни е не толку за бојата на Офицерски или за одлуката на Комисијата за доделување на 4-то Ноемвриската награда во Општина Битола, колку за индиферентниот однос од сите институции спрема нас битолчани. Ние како да сме гости во овој град, никој за ништо нѐ не прашува, ниту сме дел од нешто каде би можеле да дадеме некој наш придонес или пак да ни се исполни некоја желба, а недај Боже да ни помогне за нешто.

На Петар Мирчевски јавно му ја честитаме доделената 4-то ноемвриска награда за животно дело, за Петар Ставрев или било кој друг да се надеваме дека и нас ќе не прашате догодина.