За нешто да ни остане засекогаш на сите, мора некој претходно добро да се потруди и да го заштити, да го зачува во соодветни услови и стручно да го обнови како што во овај случај е макотрпната работа на вработените од Одделението на Државниот Архив во Битола. Имено на 01.11.2016г. се започна со систематско скенирање на плочите од Фондот на Манаки, кој во наше наследство се оставени во Државниот Архив Одделение Битола. Започнувајќи од третиот метален фиокар втората фиока од горе и тоа од плочата со реден број 4576 па нагоре, е започнато со систематско обновување и нивна дигитализација. Генерално плочите се со добар квалитет и најголемиот дел од нив немаат поголеми оштетувања. Еден дел од плочите се скршени и лепени при претходната обработка на фондот и тоа се плочите кои бараат поголемо внимание при ракувањето со истите. Во овие фиокари се сместени плочите со “помал” формат. Се среќаваат неколку формати на плочи кои, заедно со описите, годината (периодот) и сл. уредно се забележани во книгите од фондот.

Најчесто се појавуваат форматите 10×15см ( и негови варијации), форматот 9×12см ( и варијации) и 18×24см (и варијации). Од поголемите плочи од 18х24 има само неколку (можеби 2 или 3). Најоштетени се големите плочи кои поради големината најлесно се кршеле. Иако фрагментирани, тие се сепак зачувани како целини.

Како одговорен за целокупниот процес на скенирање и дигитализација е помладиот соработник за средување на архивски материјал, битолчанецот Димитар Ѓорѓиевски, со кого разговаравме малку стручно да ни раскаже околу целата постапка:

Целиот процес за скенирање и дигитализација опфаќа неколку фази и започнува најпрво со чистење на плочите, кои се чистат од прашина или некои други честички кои со време биле залепени на нивната површина. Чистењето од прашина се изведува со четче и понекогаш памук. Се отстранува лепилото (селотејп кој бил ставан во одреден период да ги држи деловите споени).

Во втората фаза со раствор на 70% алкохол и дестилирана вода во однос 50 – 50 се третира стаклото од страната на која не е нанесена емлузијата. Растворот се нанесува со памук (понекогаш со памучни стапчиња) со кружни движење и плочата се третира додека површината не е целосно чиста. Откако растворот се исуши истиот процес се повторува но овој пат со сув памук и четче со цел да се отстранат евентуалните влакна останати од влажниот памук.

3. Самото скенирање се изведува на исклучително чиста површина (прашина, масни траги и сл.) на стаклото од скенерот со ставање на плочата свртена со емлузијата на долната страна (ова зависи од точката на фокус на скенерот). Плочите се снимаат по еден стандард и тоа со следниве карактеристики –
Формат – Tiff. , Тип на филм – Black and White negative film , Тип на слика – 24 битни бои, Резолуција – 1200dpi и посебно подесување на хистограмот на секоја слика во зависност од осветленоста на истата. Плочите се скенираат со број во формат M_број на плоча во фондот_ број од скенерот (Пр. плочата со број 5115 ќе изгледа вака M_5115_895, каде 895 е бројка одрена од самиот скенер).

4. Паковање на плочите – Плочите се враќаат во пликоата во кои се спаковани со тоа што сега околу нив се става и бескиселинска хартија претходно исечена во точни димензии на плочата. Дел од пликоата се изработени по стандарди на плочите кои се во нив а дел се поголеми пликоа реупотребени за оваа намена.

Петтата фаза опфаќа финална обработка на веќе скенираните плочи и нивно дигитално архивирање. Овај процес се состои од неколку елементи и тоа – превртување на скеновите (mirroring- ефект на огледало), проверка на скеновите ( споредба со книгите каде се запишани описи на истите), Ставање во папки од по 100 плочи заради прегледност, запишување забелешки за дупликати и накои карактеристики на плочите или самите фотографии и бекап (back up) на екстерен хард диск.

По скенирањето плочите се сместуваат (односно ќе се сместат) во наменски метални фиокари за нивно чување каде плочите по правило се чуваат вертикално. Детален извештај за оптимално чување на плочите и нивно ракување е изготвен во 2019 година од страна на Лидија Пајевиќ насловен како „ИЗВЕШТАЈ СО ПРЕПОРАКИ“ од истражувањето на фотографската колекција од фондот браќа Манаки бр.580.

Ракувањето со плочите се прави исклучиво со латекс ракавици без пудра. Просторијата во која се прави скенирањето често се мети и чисти од прашина која го контаминира процесот на скенирање. Плочите кои се земени од депото моментално се чуваат во кутии во оваа просторија додека не се одлучи по кој редослед ќе бидат вратени во фиокарите. Во склоп на скенирањето на плочите се одлучи да се скенираат и дел од личните документи од фондот напишани на старотурски јазик (лични преписки, формулари и сл).

Досега скенирани се документи на старотурски јазик – 30 предмети (80 скенови), вкупниот број на скенирани стаклени плочи изнесува околу 1500 (Април 2021) 23% од вкупниот број плочи, број на фонд – 580, додека официјален број на плочи во фондот ( при средувањето во 1976г. ) е 6488…завршува Димитар, соопштувајќи ни огромна бројка која со нетрпение ја очекуваме да ја разгледаме во дигитална форма од наследството кое ни го оставија Браќата Манаки, пионерите на филмската камера на Балканот.

Голема благодарност до вработените во Државниот Архив Одделение Битола за нивната посветеност и зачувување на голем дел од нашето наследство, кое долги години е оставено заборавено под прашината од витрините на нашите институции.