Откако стана седиште на вилает во Битола се сменуваа чесни и нечесни, добри и лоши, правични и самоволни валии. По вонредно лошиот валија Фаик паша, на
тоа одлучно место беше назначен необично чесниот и способен Абдул Керим паша бин Мустафа паша син на Мустафа паша од српска мајка.

Кон крајот на 1895 година Керим стапи на функција во Битола. Во пристапниот говор
пред битолските големци изјави дека сите поданици на Османското
цaрство ги смета за рамноправни.

И почна со средување на најнесредениот вилает. Прво ги протера во Солун месните насилници Бујук Риза, Чучук Риза, Раиф ефенди и Шакир бег Илјаз.
Наскоро новиот валија започна
голема комунална дејност. Се градеа нови објекти насекаде нешто невидено до тоа време. Изгради окружна болница, женска
болница, болница за нервни болести (битолските муслимани тврдеа дека ја гради за себеси бидејќи е луд!).

Како што ми раскажа покојниот Садик бег, во 1963, Керим паша нареди да се спроведе канализација низ градот, да се регулира со цврсти ѕидови Драгор и ги исчисти гробиштата од Дрвен пазар и од Житни Пазар.

Д-р Анастас Христиди си спомнува за овој валија: „Керим паша
беше многу скромен и штедлив.
Како валија имаше пајтон со еден
коњ, додека беше обичај валијата
да има повеќе пајтони и пет-шест
коњи. Затоа Турците го викаа потсмешливо „Ѓупски валија“. Честопати ми зборуваше дека државните пари ги штеди исто како и своите.“

Битолски весник 1980