Немилите настани и војни низ историјата на нашиот град многу влијаеле за кроењето на голем број човечки судбини од кои многу завршиле тука, а многу и продолжиле по некој нов пат. За време на Првата светска војна, од каде доаѓа нашето денешно раскажување, низ Битола и нејзината околина помина скоро цел свет, започнувајќи од Франција, Германија, Бугарија, Србија, до Виетнам, Алжир и многу други земји. Поголемиот дел од оваа популација беа војници и офицери кои меѓусебно војувале на Македонскиот и Солунскиот фронт.

Француски војници во Битола, 1917 година (меѓу кои и браќата :Marcel Chabeuf- долен ред најдесно; Émile Chabeuf- горен ред втор оддесно.)


Битола и нејзината околина ја одиграа тажната улога во крвава војна на војски со странски чизми, бојни отрови, сурови битки и разорувања како на нашиот град така и на целото опкружување. Во цела таа воена состојба покрај повеќето немили настани се случувале и големи битолски љубови за кои до ден денес нашите битолчани ги негуваат и зачувуваат нивните спомени. Такво е и раскажувањето од нашата битолчанка Кристина Глигоровска кое се пренесува од генерација на генерација, за нејзината пра-пра-баба Софија Николова која за време на Првата Светска војна се омажила за француски офицер. Денес нивните потомци се нејзини братучеди и братучетки од кои дел се милионери во Франција, а дел се распослани наоколу низ светот.

Француски војници во Битола, 1917 година.На сликава седнат од десна страна е Marcel Chabeuf, инаку сопруг на битолчанката Софија, која пак е постара сестра на Димко Николов,во битолско познат како Димко Војводата.


Софија Николова била родена на 18 Март, 1898 год во битолското село Драгош, како помлада ќерка и 3-то дете на Сирма и Никола Николови. Имала еден постар брат (Димко Николов- Војводата, исто така пра-пра дедо на Кристина.), постара сестра (Петра, родена во 1886), и помлад брат (Коста, роден во 1899). Во 1916 го запознава Луис Марсел Шабеу (Louis Marcel Chabeuf) , француски офицер кој во тој период заедно со неговиот брат Емиле Шабеу (Émile Chabeuf) служеле воен рок на Македонскиот фронт во Првата светска војна. Според писмата кои Maрсел ги испраќал на своите родители, тој се вљубил во Софија на прв поглед. Нивната љубов ја крунисаја во Битола каде се оженил со Софија, но веќе бил оженет во Франција, па затоа нивниот брак бил нелегален. Сепак во 1918 тој нелегално ја однел Софија во Франција. Кога Софија дознала за неговата прва жена било предоцна за да излезе од ситуацијата во која се затекнала. Но Марсел потегнал разводна постапка која во 1920 година била официјализирана и неговиот брак со Софија бил признаен од тамошните власти.

На оваа фотографија од 1917год во вториот ред се Марсел и Софија,а до нив братот на Софија-Коста. Во долниот ред од десно кон лево: Сестрата на Софија-Петра, родителите на Софија: Сирма и Никола, до нив ќерката на Димко Војвода-Аца.


Софија и Mарсел отвориле пекарница во Монтшанин (Montchanin), село во областа Бургундија во Франција, заедно со братот на Марсел и неговата сопруга. Софија била многу трудољубива и вредна, а била и прва од семејството што добила возачка дозвола. Доставувала леб до околните места со камион. Првите години од нејзиниот живот во Франција биле многу тешки за неа бидејќи таа не била добро прифатена од жителите на тоа место . За жал Софија починала многу млада, на 25 Јули 1933, на свои 35 години. Починала за време на раѓањето на нејзиното четврто дете, кое за жал умрело неколку дена по Софија. Софија и Maрсел имале три деца:

– Луси Шабеу (Lucie Chabeuf) е најстарата ќерка (родена е во 1920).Се омажила со Филиберт Никот (Philibert Nicot) , наследник на просперитетна фабрика за производство на брашно, која сè уште во функција и денес е една од најголемите фабрики за производство на брашно во Франција, со годишен обрт од 31 милион евра. Луси и нејзиниот сопруг имале 4 деца- Јосеф (Joseph) роден во 1942 год, Бернадет( Bernadette) родена во 1945, Филип и Елизабета (Philippe и Élisabeth) . Луси во нејзината дневна соба имaла слика од Димко. Постојано тврдела дека нејзината ќерка Елизабета има иста кадрава коса како Димко дека и тоа го наследила од него. Постариот син Јосеф го наследил семејниот бизнис.Тој имал три деца: Марие Никот (Marie Nicot) родена 1966, Жан Филип (Jean-Philippe) роден 1968 и Емиле (Émile) роден 1973 г. . Денеска Жан Филип е директор на Nicot Meunerie, фабриката за производство на брашно основана од Луси и Филиберт. Емиле исто така работи во семејната фабрика, а Марие е независен новинар и живее во Париз. Инаку Луси починала во 2003 год.

На сликава се 3-те деца на Софија и Марсел: Од десно кон лево- Lucie,Louis и Sophie Justine Paulette


-Софија (Sophie Justine Paulette) родена 6 Октомври 1921-почината 1996 г. е помладата ќерка на на Софија и Maрсел. Се омажила за Роџер (Roger Lame), сосед од Монтшанин( Montchanin) селото каде што израснала. На почетокот на Втора светска војна (1939 год), заминале во Париз, каде што се и родени нивните две деца- Мишел (Michel Lame) роден 9 Октомври 1940-починат Октомври 30 2001,и Клаудија (Claude Lame) родена 6 Февруари 1943 год. Мишел се преженил 2 пати, а има 2 сина и 2 ќерки кои со своите фамилии живеат во Париз. Клаудија во почетокот на 80-тите заедно со својот сопруг се пресели во Квебек, Канада каде што и денес живее. За жал тие немаат потомство.

– Луис (Louis) роден 8 Мај 1923-починат 1996 г. е едниствениот син на Софија и Марсел. Тој бил пекар и имал една ќерка-Ивет (Yvette) родена 28 Јули 1947 г. .Таа и нејзините потомци живеат во Шагни (Chagny) село во областа Бургундија во Франција.

Инаку Жан Филип (внук на Луси) ја посети Македонија, а воедно и Битола пред неколку месеци.

И после 100 години сеуште се свежи сеќавањата за многу битолски љубовни приказни кои знаменито и грижливо сеуште се зачувани од нивните потомци. Ние сме тука за тоа да го споделиме со сите вас изразувајќи голема благодарност до нив, во случајов до битолчанката Кристина Глигоровска, заради што и ни е мило дека и од нив ќе оставиме една мала трага со големо значење за нас.