Битолско минато
Со (ПЕТ)АР во ПЕТ(ОК)
Петар Ставрев
Специјално за Бабам Битола
Неодамна се навршија 65 години од постоењето на Културно уметничкото друштво „Илинден“ од Битола. Поради пандемијата јубилејот беше скромно одбележан, а по се изгледа заради здравствените мерки ќе изостане и традиционалниот предновогодишен концерт.
Во изминатиот период низ сите ансамбли поминаа голем број фолклористи, музичари и пеачи одржувајќи безброј концерти во земјата и странство. Името „Илинден“прифатено по предлог на професорот и писател Владимир Костов беше расадник за многу вљубеници на македонскиот фолклор. За тоа се добиени многу награди и признанија.
Воспоставени се и пријателски односи со повеќе фолклорни друштва од странство, кои кај нас ги презентираа своите тамошни вредности.
„Илинден“ квалитетни програми презентираше низ сите земји каде што гостуваше. Речиси нема земја во Европа каде што Друштвото нема гостувано, а турнеи се одржани во Америка, Австралија и други земји.
Тоа и натаму ќе продолжи со својата активност претставувајќи го неисцрпното фолклорно богатство од сите краишта на нашата земја и соседството. Еве некои фотографии од госувањето на „Илинден“во некои земји.