Битола за време на Првата и Втората Светска Војна во повеќе налети била немилосрдно бомбардирана и гранатирана од непријателските авиони и топови. После нив таа ги доживеја и големите детонации од нејзините градски чиновници, кои поставени на градскиот часовник командуваа што да се руши, со што беа збришани повеќе објекти кои не можеа да го издржат големиот налет на постмодерното време. Сето тоа беше со намера за следење и градење на некои тогашни модерни трендови за заедничко живеење и функционирање, градење на стамбени згради и висококатници во строгиот центар кои немаат допирна точка со староградскиот изглед и традиција. Токму со тоа беше нарушен градскиот изглед и драстично се измени и извитопери неговата архитектура. Така градот сакал или несакал го изгубил неговиот староградски код а заедно со него исчезнале и многу култни и значајни места или се при крај во завршна фаза да ги снема а се многу битни за нас битолчани. Нема битолчанец кој не би сакал да се врати тој староградски шмек на единствен град од ваков тип во Македонија. Нема битолчанец кој не сонува повторно да и биде вратен изгубениот дух на Битола. Како на пример култната:
~Дембел чаршија ( која била на локација некогаш покрај самиот Драгор во делот кај Судот и откаршија). Убаво би било да се врати тоа време и тие спомени каде некогаш покрај самиот кеј на Драгор се играло дама, се пиело културно кафе и локум. Гостите уживале во нивниот мерак, лезетски пиејќи го своето кафе, играјќи табла и слушајќи го жуборењето на река Драгор по која заедно со неа се слива и пријатното пелистерско ветерче…
По крајот на река Драгор, сегашен Булевар постоел широк Драгор Сокак, каде битолчани правеле убави прошетки, а сега се само бездушни паркинг места. Во контекст на Дембел чаршија и во склоп на амбиентот со Исак џамија убаво би било и сегашниот Основен суд да го промени својот лик како како што некогаш изгледал Сарајот.
-Место викано Каваци
-култното место Каваци била популарна кафеана кое било омилено место и каде најчест гостин бил Мустафа Кемал Ататурк. Во дебела сенка од каваците (на турски јазик-тополи, јасики) друштвата се дружеа на импровизирана дрвена платформа над реката Драгор и си уживаа во нивната забава. Локација наспроти сегашна Гимназија.
-Реставрација на амамите (Керим Беговиот и Јени Амамот), одлични места за историја, разгледување, пиење кафе, чај и нивна повторна рехабилитација како амам, каде туристите и сите добронамерници би ги добиле таму сите благодети, од масажа и капење па се до музика и дајре…
-Реновирана и реставрирана стара битолска чаршија…
Конечно го чекаме денот кога послем неколку века битолската чаршија ќе го добие својот автентичен лик, малце зеленило, бојадисана и освежена со нови кепенци по стандарди за сите дуќани, враќање на некои стари занаети кои се специфични за нашиот град со удел од општината во нивно помагање и финансирање…
-Стариот Народен театар…
Една голема целина поврзана со најубавите сеќавања за најубавите времиња на сите битолчани. Промена на неговиот сегашен изглед кој ќе биде автентичен со некогашниот Народен театар како и враќање на ложите во внатрешноста како што грандиозно некогаш тие изгледале.
-хотелот Босна…
Со хотел Босна (кој беше на местото на некогашните клупи кај Домот на Културата) за малку средства ќе се врати еден голем историски дел кој недостасува од сликите кои ги гледаме за стара Битола. Со негова изградба градот и општинската власт би добила нов простор и нови дуќани за кои знаеме колку многу се големи сумите за изнајмување со што би се имало и бенефит. Со самата изградба да се уредат и спротивните објекти автентично како што тие изгледаа некогаш, хотелот Јефтич, хотелот Турист итн. а не како досега прекриени со мушама од некоја реклама за пиво.
-Камениот Мост…
Мостот кој најповеќе буди емоции кај битолчани и истиот постои на познатото место и по кажување на старите битолчани бил само затрупан. Да се спроведе и пренасочи малиот Курделец и тој пак да поминува тука под него со што ќе носи од нашата пелистерска свежина…
-обнова и реновирање на најстарите македонски училишта во Гинимаале…
-обнова и реновирање на Офицерски, Исљахаането и Џепането како објекти кои се полни со историја и значајни во историјата на Бабам Битола.
-кафаната на Тумбе кафе…
Историската кафеана каде оделе сите големи гости и посетители на Битола, аги и бегови, кафаната со убава градина и осветлена со фенери, дење во придружба на ѕвркотот од славејчината, навечер со музиката на увце…
-Реновирани и обновени објектите во улицата на Конзулатите (ул.Кирил и Методиј) и улицата на Ановите (ул.Никола Тесла), додека улиците да бидат калдрма, поплочени со препознатливата коцка.
-Да се вратат пајтоните…
Еј пајтони, кротко терајте…Убаво е Бабам Битола да има барем еден службен пајтон, со кој ќе се возат странските туристи а и воедно ќе се чаламат битолските кабадаи заедно со нивните чалгии низ битолските улици.
Забрана за сообраќај во стариот дел-
Барем еден дел од стара Битола да биде забранет за сообраќај освен за жителите кои живеат таму, нешто што се спроведува веќе повеќе години и е функционално во Охрид.
Ех Битола, бабам Битола, надалеку позната и опеана, а од твоите градски татковци заборавена…