НУ Центар за култура-Битола немаше дилеми како да ја почне претфестивалската програма за најновото издание на „Илинденски денови“. Знаевме дека тоа треба да биде со ретроспективна изложба на долгогодишниот пријател и соработник на Фестивалот, со ликовниот уметник Панде Петровски кој токму оваа година слави 60 години лично творештво.
Во присуство на заменик министерот за култура Владимир Лазовски, градоначалникот на Битола Наташа Петровска и претставници на културната јавност, славеникот Панде Петровски рече:
Уметниците говорат со ликовниот говор, со ликовни моменти… Секогаш сум бил инспириран, а верувам дека така ќе биде и понатаму бидејќи сега имам силна конкуренција во мојата малечка внука која е голем ликовен талент.
Присутните во битолскиот Музеј искрено му честитаа на Петровски за големиот јубилеј, а дел од нив и лично се обратија:
М-р Наташа Петровска, градоначалник на Битола:
-Ликовниот уметник Панде Петровски остави голем белег како во битолскататака и во македонската уметност. Уметникот Петровски, 60 години со варијации на тема, низ бои и слики го слеал пулсот на Битола. Благодарам за се што досега направивте за нашиот град и убедена сум дека ќе продолжите на сликите да оставате многу наши емоции, тоа што ние битолчани од секогаш сме го имале. Длабок поклон кон Вас, господине Петровски.
М-р Валентин Соклевски, етнолог:
-Панде Петровски со мал потег на платното отвора илјадници ѕуници, еден симбол на сценографијата отвора мозаици од сликовити приказни, тој е човекот кој со еден афоризам раскажува повеќе од романи. Панде Петровски е дел од фестивалот од почетоците во 1971 година до денес.
Елена Ѓоршиевска, претседател на ДЛУБ:
-Панде Петровски заслужено од нас, од колегите, добива спицијална плакета, награда за животно дело.
Д-р Мери Стојановска, директор на НУ Завод и Музеј-Битола:
-Делата на Панде Петровски зборуваат се! Сите негови дела претставуваат одраз на нашите чувство кон Битола и сите така и ја доживуваме.
Панде Манојлов, поет и писател:
-Оваа изложба можеби е и најубавата која сум ја видел и посетил, а ги имал многу. Сакам да му посакам уште многу дела и изложби, и сите да не радува со нови творби. Панде е жив споменик на овој град.
Билтен бр. 2 на Илинденски денови 2019