Интервју со Билјана Дамјановска
50 години од првото интерпретирање на детската песна „Еј гулаби, гулаби бели“
На 27 декември 1972 година се одржа вториот по ред фестивал на детска песна „Златно славејче“, замислен како ревија на најдобри деца-пејачи од Македонија. Идејата за организација на овој фестивал потекна од Советот за грижи и воспитувања на децата на град Скопје. Ако првото „Златно славејче“ имаше исклучиво карактер на градска манифестација, втората година прерасна во манифестација од републички карактер.
За вториот фестивал биле пристигнати точно 116 композиции, а стручното жири во состав: Трајко Прокопиев, Властимир Николовски, Александар Лековски и Љупчо Стојменски, одбрал 24 најквалитетни композиции. Токму меѓу овие 24 композиции, се наоѓала и песничката „Еј гулаби, гулаби бели“, интерпретирана од Билјана Дамјановска – Јанчевска, која освои најмногу гласови од публиката, а жирито ѝ додели и награда за најдобар текст.
Оваа година (2022) се навршуваат точно 50 години од интерпретацијата на овој детски евергрин, па затоа Македонскиот музички регистар прв се досети да направи интервју со Билјана Дамјановска – Јанчевска, во кое ќе се потсетиме на овој фестивал и на оваа песна.
ЗАН: .„Еј гулаби, гулаби бели“ е една од најпознатите детски песнички во историјата на македонската музика за деца. За прв пат е изведена на фестивалот за детска песна „Златно славејче“ во 1972 година. Оваа година, овој незаборавен детски евергрин прославува 50 години од изведувањето. Како се случи Билјана Дамјановска да ја пее токму оваа песна?
БДЈ: Во август, 1972 година, со моето семејство се преселивме од мојот роден град Мостар, Босна и Херцеговина, во Битола . Се запишав во четврто одделение во ОУ „Коле Канински“. Веднаш бев забележана од мојот наставник по музичко образование, кој го препозна мојот талент и мојата музикалност. Сметаше дека би можела да настапам на фестивалот „Златно славејче“ 1972 година, иако имав само 10 години. Конкуриравме и ми беше дадена песничката „Првото ѕвонче ѕвони“. Неа ја научив и ја спремив за настап на фестивалот, но непосредно пред фестивалот се јави маестро Џамбазов, кој ни соопшти дека ќе ја пеам песничката „Еј гулаби, гулаби бели“, бидејќи девојчето што треба да ја пее, нема да може да настапи. И така се случи тоа.
ЗАН: Текстот на „Еј гулаби, гулаби бели“ е на поетот Глигор Поповски, а музиката и аранжманот на еден од најплодните македонски композитори, Александар Џамбазов. Какво беше чувството на едно дете да соработува со еден таков маестро, каков што беше Џамбазов?
БДЈ: Пред сѐ, морам да кажам дека имав многу малку време да ја спремам песничката, која беше певлива, но бараше голем напор за едно дете да ја спреми и испее. Со помош на мојот наставник, диригентот Љубомир Трифуновски успеав во тоа. Работевме секојдневно, а отидов и во Скопје, каде што се сретнав со маестро Џамбазов и заедно ја доработивме песничката.
Морам да кажам дека „Еј гулаби, гулаби бели“ не е ни малку лесна песна. Има долг текст, во кој освен рефренот, ништо друго не се повторува. Текстот е на писателот Глигор Поповски и е со прекрасна порака, а музиката и аранжманот на Александар Џамбазов се прилично тешки и бараат висока музикалност и талент, што јас ги наследив од мојата мајка, па имав чест да го испеам овој безвременски детски евергрин.
Исто така, сакам да нагласам дека настапот беше во живо со голем ревиски оркестар и немаше место за грешка. Соработката со маестро Џамбазов за мене беше голема чест, но и одговорност, зашто тој во тоа време беше најплодниот и најпопуларен автор на детски песни, а соработката со него продолжи и понатаму, во периодот кога започнав да ја градам мојата музичка кариера.
ЗАН: По победата, Билјана стана славна. Немаше роденден, детска прослава, училишна приредба, а да не биде испеана „Еј гулаби, гулаби бели“. Како се носевте со славата во тие детски години и дали беше убаво чувството да се биде познат и славен?
БДЈ: Точно е тоа. Веднаш станав славна меѓу децата, посебно во Битола. Песната се пееше насекаде. На приредби, родендени, детски забави. Бев дете, а и скромноста е моја особина, така што понекогаш се срамев кога некој сакаше да се запознае со мене.
Паметам дека бараа мои фотографии, па јас некои црно-бели фотографии од настапот на фестивалот ги направив во повеќе примероци и ги потпишував како автограми. Ха, ха, ха…
Таа популарност траеше долго, а и по 50 години, со испеани многу песни и богат репертоар, јас се претставувам како чупето што ја испеа „Еј гулаби, гулаби бели“.
ЗАН: Билјана е единственото дете од Македонија, кое издаде и ЕР плоча за продукцијата на ПГП РТБ (PGP RTB), на кое се наоѓаат две композиции: „Еј гулаби, гулаби бели“ и песната „Зошто“, изведена повторно на „Златно славејче“ 1973 година. Како се случи до реализација на ова издание?
БДЈ: На фестивалот во 1972 година, „Еј гулаби, гулаби бели“ ги освои сите можни награди. Беше севкупен победник, а јас бев забележана како дете со голем талент, така што во 1973 година повторно добив песничка, овојпат песничката „Зошто“, напишана од чичко Ацо Џамбазов. Нема да ми замерите што го претставувам како чичко Ацо, зашто тој по моите настапи на „Златно славејче“ стана дел од нашето семејство. Двете песнички во тоа време беа слушани на просторите на тогашната Југославија, па добивме понуда од Продукцијата за грамофонски плочи на РТВ Белград да се издаде сингл плоча, што беше прва плоча на детски песни. Со тоа песните доживееа уште поголема популарност.
Извор Музички регистар и целосното интервју ТУКА