43 ГОДИНИ БЕЗ САШКА ПЕТКОВСКА – БИТОЛЧАНКАТА ЧИЈ ГЛАС ОСТАНА ДА ЖИВЕЕ

од August 31, 2026 0 коментари

На денешен ден, 31 август 1983 година, македонската музичка сцена остана без еден од своите најпрепознатливи гласови. Во тешка сообраќајна несреќа кај селото Градобил, на патот Куманово – Свети Николе, животот го загуби битолчанката Сашка Петковска – Липша. Имаше само 32 години.

Во несреќата загинаа девет лица, меѓу кои и тројца членови на балетската група „Авона“. Сашка и музичарите патувале кон Свети Николе, каде што требало да настапат на концерт.

Сашка Петковска е родена во Битола на 7 април 1951 година. Музичкиот пат го започнала во родниот град, а нејзиниот талент многу брзо ја однел на сцените низ тогашна Југославија и надвор од неа.

Настапувала на Скопскиот фестивал, „Опатија“, „Белградска пролет“, „Вашиот шлагер на сезоната“, а како млада пејачка освоила и трето место на италијанскиот „Кантаџиро“. Во својата кариера соработувала со познати автори и изведувачи, а одреден период била член и на легендарната група „Македонија“.

Зад неа останаа десетици снимки и песни кои и денес се слушаат – „Бакни ме“, „Чао, адио“, „Никогаш, никогаш“, „Грижа“, „Запри срце“, „Пушти ме како птица“ и многу други.

Битола не ја заборави својата Сашка.

Во нејзина чест, детскиот фестивал „Си-До“ доделуваше награда за интерпретација што го носеше нејзиното име, а во 2010 година во Народниот театар во Битола беше организирана манифестацијата „Незаборав во чест на Сашка Петковска – Липша“, на која битолски пејачи повторно ги оживеаја нејзините најголеми песни.

Поминаа 43 години од трагедијата.

Сашка замина на само 32 години, но нејзиниот глас остана.

Чао, адио, Сашка… Битола не те заборава.

Babam Bitola

Comments are closed.