Code 369 ја зпочнаа 2022 со снимање на нов музички материјал. Како што им ветија на своите фанови, многу музички изненадувања им подготвуваат овој период. Додека се подготвуваат за концертот во МКЦ Кино Фросина Скопје, го подготвуваат и новиот албум.
Деновиве ги поминуваат во студио, но и на големата сцена во Центарот за култура Битола каде го снимаат видеото за песната со наслов Butterflies.

” Во студио сме со креативна енергија, ги користиме студените зимски денови за припреми за претстојната фестивалска сезона со надеж дека летните фестивали конечно ќе се одвиваат без рестрикции и во полн сјај”, вели вокалот на групата, Ирена Димовска.

Автор на видеото е Дејан Трајчевски, Encore media продукција.
Оваа песна ќе биде првото официјално видео од албумот Stages of love, кој Code 369 ќе го промовираат во пролетната сезона.

Оваа група е основана во 2020 година. Се работи за еден старо-нов состав од Битола и претставува продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на групата „Памперс“ (Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски). Покрај нив во Код 369 членува и Коста Стевановски, (бас гитара, клавијатури).
Во музиката на Код 369 се внесени нови музички моменти на фанк, џез и класични инструментализации кои проткајуваат во препознатливата рок основа.

„Оваа сезона планираме концерти, работа на новите материјали и секако издавање на албумот“, додаваат од Код.

Фотографии: Кети Талевска

Текст: Неда Маретиќ