„НОЌ СО МЕТАЛМАНИЈА“ – е настан кој се одржа на 25 ти август во Кафе бар „Везилка“, со кој се одбележа 25 годишното постоење на музичката емисија Металманија. На настанот беа прикажани документарен филм и изложба, а присутните имаа можност за целовечерна забава низ ретроспективна прошетка на 25 годишното творештво на авторот.
На овој начин се овозможува поддршка на домашните автори, како и алтернативната музичка сцена, што е особено значајно од културно – економски аспект за градот.

МЕТАЛМАНИЈА е музичка емисија која заедно со нејзините почитувачи, веќе 25 години живее низ македонскиот етер. Почетоците на емисијата се на една локална телевизија, во далечната 1996 та година, најпрво како ХЕВИ МЕТАЛ ТОП 5 листа, а од 1999 година продолжува со нејзиното сеуште препознатливо име – МЕТАЛМАНИЈА.

Во емисијата се презентираат видео спотови од групи кои ја држат во живот Хард рок музиката, се до оние кои ја свират и дет метал музиката.

Целта на емисијата е промовирање на македонската андерграунд сцена и слободно може да се каже дека, како автор на емисијата, целосно сум посветен кон реализација на својата замисла која доста позитивно е прифатена од јавноста. Аргумент плус во оваа насока е и фактот што низ емисијата, досега поминале голем број на македонски рок и метал групи, многу видео спотови, за првпат биле промовирани токму во МЕТАЛМАНИЈА, во која како автор често ги следам и свирките на битолските и македонските групи, а голем простор во емисијата издвојувам и за рок концертите и фестивалите кои се одржуваат низ државата и во соседството и на кои се снимени бројни интервјуа со многу светски групи како Apocalyptica, Whitesnake, Deep Purple, Kreator и многу други…

Ова потврдува дека МЕТАЛМАНИЈА низ 25 годишниот раст, отстапува голем простор покрај за македонската алтернативна сцена и за светската рок и метал сцена.
Настанот насловен „Ноќ со Металманија“ беше реализиран како целовечерно дружење и забава за гледачите и вљубениците во емисијата, како дел од програмата на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ со поддршка од Општина Битола.

Фото Ивона Кочов и Диоген Хаџи Коста Милевски