Каков убав јубилеј, 25 години не се малку, особено кога зад себе имаш тон печатени приказни, стотици школски почетоци, дипломски одбрани, љубовни писма и уникатни ласерски чуда.
Она што почна како мал копир-принт шоп во неколку квадратни метри во срцето на Битола, денес е препознатлив бренд, под името БАБУК. Во свет на брзи промени, тие останаа константа: место каде хартијата, бојата и технологијата се спојуваат со вешти раце, тимска лојалност и семејна посветеност.

Историјата на БАБУК е и семејна приказна. Ѓоко Христов – дипломиран машински инженер, уште на самиот почеток знаеше дека сака да создаде нешто свое. Со многу труд и визија, од нула го изгради овој бизнис, но никогаш не беше сам на тој пат. Неговиот татко, со својот работен морал и упорност, беше пример и советник во сите фази, а мајка му секогаш беше таму со грижлив збор, поддршка и она утринско кафе што чини повеќе од илјада зборови. Анета, сопругата на Ѓоко, на почетоците по своите часови доаѓаше да помага…со клиенти, со пакување, со сè што требаше да се заврши, покажувајќи дека БАБУК отсекогаш бил и семеен проект.

А кога не е меѓу принтери, ласери и ролни хартија, Ѓоко е на велосипед броејќи километри, истражувајќи нови патеки и полнејќи ги батериите за нови работни предизвици. Ова е разговор за истрајноста, љубопитноста и за тоа како е да градиш нешто свое 25 години … и сè уште да ти е мерак да дојдеш на работа.

Интервју со Ѓоко Христов

Сопственик на БАБУК – Битола

25 години БАБУК – кога денес се навраќате на првиот ден, што ви се враќа во сеќавање?

Искрено? Мирисот на тонер и звукот на првиот копир кој успеавме да го извадиме без да се заглави хартијата. Немавме големо знаење за бизнис, ама имавме решеност да бидеме точни, прецизни и да ги слушаме клиентите. Почетоците беа скромни…неколку квадратни метри, еден копир апарат, многу ентузијазам и семејство што стоеше зад мене.

Колку семејството влијаеше врз успехот на БАБУК?

Премногу. Иако БАБУК го почнав сам, татко ми секогаш беше тука со совет и поддршка, а мајка ми со својата тивка грижа знаеше да ја „поправи“ секоја тешка ситуација. Анета, мојата сопруга, на почетокот доаѓаше после својата работа да ми помогне – од комуникација со клиенти до пакување готови производи. Без таа поддршка, не верувам дека ќе стигневме до овие 25 години.

Кој беше најголемиот „скок“ што ви го смени правецот?

Инвестицијата во првата машина за ласерско сечење. Со тоа сфативме дека печатот не мора да заврши на хартија, можеме да создадеме уметност, персонализирани подароци и уникатни производи што никој друг не ги нудеше овде.

Семеен бизнис во Македонија – предности и предизвици?

Предност е што знаеш дека некој ти го чува грбот. Предизвик е што емоциите од дома понекогаш доаѓаат на работа… и обратно. Но, тоа те учи да простуваш брзо и да продолжиш понатаму.

Вашите клиенти велат „БАБУК е повеќе од услуга“. Како се гради тоа?

Со чесност и доследност. Никогаш не ветуваме нешто што не можеме да исполниме, а ако нешто тргне наопаку, први се јавуваме на клиентот.

Колку е значајна лојалноста на тимот?

Многу. Имам колеги што се со мене повеќе од 20 години. Заедно сме ги делеле и најтешките и најубавите моменти. Тоа е стабилност што не се купува.

Што ви носи возењето велосипед?

Тоа е мојата „пауза“ од сè. Кога вртиш педали, мислите се местат по друг редослед. Проблемите остануваат зад тебе, заедно со километрите.

Постојат ли паралели меѓу велосипедизмот и водењето бизнис?

Мораш да го најдеш ритамот, да знаеш кога да забрзаш, кога да штедиш енергија и да не се откажеш на првиот успон. И во двете има и спустови, и успони, само што во бизнисот нема кочници.

Ако почнувавте од нула, што би направиле исто, а што различно?

Истото: семејството и истиот тим покрај мене. Различно: би инвестирал порано во технологија и во обука.

На што сте најмногу горди од последниве години?

На секоја диплома, љубовна порака или детско цртежче што сме го претвориле во нешто опипливо. Тоа се спомени, не само услуга и производи.

Како ја гледате иднината на печатарството во дигиталната ера?

Ќе се печати помалку, но поубаво. Ќе се бара квалитет, уникатност и креативност.

Ако БАБУК беше човек, како би го опишале по 25 години?

Како добар мајстор што никогаш не кажува „не може“. Со малку повеќе седа коса, но со многу повеќе приказни и со ист мерак како првиот ден.

Интервју Љубица Ангелкова