Во Битола се одржува 21. издание на фестивалот на рачни изработки „Во срцето на Битола“, кој ја претвора најпознатата градска улица – Широк Сокак – во вистинска галерија на креативност и традиција. Ракотворци од цела Македонија ги претставуваат своите уникатни и автентични производи, нудејќи им на посетителите ретка можност да набават рачно изработени дела со посебна вредност за себе и своите најмили.

Оваа година, меѓу изложувачите за прв пат учествува и Марина Јакшиќ со своето „Ателие Сиена“. На нејзиниот штанд се претставува филигрански накит во комбинација со македонски рубин и македонски амазонит, како и рачно исцртан накит од епоксидна смола, кој спојува традиционални техники и современ дизајн.

Фестивалот „Во срцето на Битола“ продолжува да ја истакнува вредноста на рачната изработка и ја афирмира македонската уметничка сцена во едно од најживописните градски места.





