На 18 ноември 1944 година, во Битола е формирана Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, попозната како Егејска бригада. По тој повод, пред зградата на општинските и обласните власти во Битола, се одржала свеченост на која се одржале пригодни говори ѝ било предадено военото знаме на Бригадата.

Штабот на бригадата го сочинуваа Илија Димовски-Гоче командант, негов заменик Наум Пејов, политички комесар, Михаил Керамитчиев и заменик комесар Вангел Ајановски-Оче. Во време на формирањето, бригадата броела над две илјади борци, распоредени во четири баталјони. Нивниот команден состав го сочинувале: во Првиот (Костурски) баталјон: Сотир Андоновски командант, Благој Даскаловски негов заменик, Вангел Манговски политички комесар, Спиро Лазаревски негов заменик; во Вториот (Лерински) баталјон: Димитар Тупурковски командант, Левтер Олевски негов заменик, Никола Шишковски политички комесар, Коста Малиновски негов заменик, Михајло Попов началник; во Третиот (Воденски) баталјон: Ристо Кордалов командант, Методи Биков негов заменик, Горги Јаков политички комесар, Динко Делевски негов заменик; во Четвртиот баталјон за тешко оружје: Милтијади Попниколов командант, Пандо Марковски негов заменик, Аргир Кузевски политички комесар, Ване Шишковски негов заменик. Во Петтиот баталјон составен од Македонци од Егејска Македонија што пристигнале од Бугарија заедно со бригадата „Гоце Делчев“, командант бил Костадин Смилевски, негов заменик Пандо Пинзов, а политички комесар Атанас Ашлаков. Приливот на нови борци, особено по договорот во Варкиза, овозможил наскоро да се формира и Шестиот баталјон.
На 3 јануари 1945 г. Бригадата во целост била прекомандувана во Гостивар и Тетово и учествувала во ликвидирањето на балистичките банди кои, сè уште дејствувале во овие реони. Во почетокот на март 1945 година, Бригадата била стационирана во Битола и Гевгелија, а заради разни меѓународни  импликации во врска со Грција и тамошната ситуација, со наредба бр. 236 од 2 април 1945 г. на Главниот Штаб на НОВ на Македонија, Бригадата била расформирана, а нејзиниот боречки состав распореден во други единици. Нешто подоцна, најголемиот дел од борците на Бригадата се вратиле во Егејскиот дел на Македонија и ги создале првите одреди на Народноослободителниот фронт (НОФ), а подоцна станале борци во единиците на Демократската армија на Грција, каде повторно покажале огромна пожртвуваност во борбата за национални и социјални права и слободи.

Извор
https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=1948003785238026&id=1056533787718368