15-годишниот Михаил Николовски за херојскиот чин: „Ми беше страв, но кога видов дека никој не тргнува, не размислував, само запливав“

од • September 9, 2026 • 0 коментари

Само 15 години, а храброст за која понекогаш не се доволни ниту многу повеќе години животно искуство.

Михаил Николовски од Битола, ученик во СОУ „Ѓорги Наумов“, е момчето кое без двоумење влезе во разбрануваното море и помогна во спасувањето на едно семејство мајка, татко и нивното дете.

За моментите кога обичен ден на плажа се претворил во борба со морето, Михаил раскажува скромно и едноставно.

Каков беше денот на плажата пред да се случи сето ова?

„Денот беше сосема нормален, летен и сончев. Но, за разлика од претходните денови, во тој момент морето беше доста разбранувано. Луѓето на плажата и капачите се однесуваа сосема нормално.“

Кога сфати дека семејството е во опасност?

„Кога жената почна да вика ‘помош’, се свртев кон нив. Жената се држеше на перниче, заедно со детето, а сопругот беше со нив. На почетокот сè изгледаше нормално, сè додека таа не почна хистерично да повикува за помош.

Се завртев наоколу и видов дека луѓето стојат, но никој не реагира. До мене беше мојата пријателка Елена (девојката со трафиката кај Сато, сите шо ја знат – цела Битола), која исто така почна да вика и да бара некој да им помогне. Тогаш сфатив дека ситуацијата е сериозна.

Веднаш запливав кон жената. Беше пребледена, целата се тресеше и не знаеше да плива. Ја извлеков до плиткото и ја предадов на Елена, а веднаш потоа се вратив по детето и мажот.

Го предадов и детето на Елена, а мајка ми Јасна, која беше во близина на мажот, го истурка кон мене и го повлеков и него.

Подоцна човекот ни кажа дека веќе почнал да губи сила и да потонува додека истовремено ги држел жената и детето, а брановите ги носеле сè подалеку.“

Имаше ли страв во тој момент?

„Искрено, ми беше страв. Но, во таа секунда кога видов дека никој не тргнува да им помогне, воопшто не размислував. Само се пуштив со пливање за да помогнам.“

Како се чувствуваше кога конечно сите беа на безбедно?

„Во тој момент не бев ни свесен што точно се случи. Само некако, како да ми се смири душата.“

А потоа цела плажа ти аплаудираше…

„Прво Елена извика: ‘Браво, Мики!’, а потоа луѓето на плажата почнаа да аплаудираат и да го извикуваат моето име. Малку се засрамив.“

Можеби токму последната реченица најмногу кажува за Михаил.

На 15 години не зборува за херојство. Не зборува за признанија. Вели дека му било страв и дека се засрамил кога му аплаудирале.

Но, кога три човечки животи биле во опасност, додека другите стоеле на брегот, тој не останал да гледа.

Запливал.

И токму во таа една одлука се гледа големината на едно 15-годишно момче од Битола.

Браво, Михаил. Браво и за Јасна и Елена и сите кои во тие критични моменти помогнаа семејството безбедно да стигне до брегот.

Битола има иднина со ваква младина.

Babam Bitola

Comments are closed.