Дело достојно за заслужниот пиедестал

Секое одбележување на некој период од животот на заслужен творец или креатор е повод да се направи и еден кус преглед од дејностите што него го издвоиле од останатите. Но, да се одбележи 140 годишнината од раѓањето на првиот снимател на Балкнот – Милтон Манаки за одделението во Битола на Државниот архив беше вистински предизвик делото на Милтон Манаки повторно да биде ставено на заслужниот пиедестал.

Со неколкуте публикации, каталози, а посебно со фото и дигитална изложба насловена “Милтон” застапена во НУ Завод и музеј во Битола, а во рамките на 43 издание на Интернационалниот филмски фестивал Браќа Манаки претставуваше можност повеќе да се навлезе во неговото творештво со кое се издвојува во ретките креативни документаристи, вљубеници во филмската и фотографска дејност не само на Балканот туку и пошироко.

Изложените оригинални документи, добиените награди и признанија, фото и филмското творештво, а посебно камерата Биоскоп 300 набавена од страна на постариот брат Јанаки во Лондон како и дел од богатата кино и фото колекција не само што го потврдуваат документациониот и уметнички нерв на Милтон туку тој и натаму ќе биде веродостојно огледало на еден бурен и незаборавен историски период во овој дел на Европа. А токму тоа и натаму треба да биде предизвик на историчари, научници и толкувачи на периодите во кој малкумина, меѓу кои и Браќата Манаки, оставиле траги кои никогаш нема да бидат завеани.

Изложбата претставува осмислен теоретско – методолошки концепт чија цел е да го претстави фотографското наследство од Фондот 580 “Браќа Манаки” низ призмата на архивската работа низ која се кристализира препознавањето и научното поткрепување на историската визија и пошироката општествена свест која постоела кај Милтон Манаки, а која крие потенцијал за културен раст и колективен напредок во кој архивската грижа за културното наследство имал најголем удел” – пишува во издадениот каталог за изложбата, илустриран со карактеристични факти од неговиот богат творечки опус.

Затоа и натаму поттикнува констатацијата тоа дело да биде не само реален документ на еден времеплов, туку и можност низ сето тоа да се разоткријат видиците на Браќата Манаки дека никогаш неможе да се сокријат фактите што ја поттикнувале цивилизацијата да се движи кон нови демократски доблести во сите сегменти на човечковото постоење и творење.

Текст Петар Ставрев

Фото Сашо Ставрев