12 СЕПТЕМВРИ 1942 – ДЕНОТ КОГА ЗАГИНАА СТИВ НАУМОВ И МИТЕ БОГОЕВСКИ

од • September 12, 2026 • 0 коментари

На денешен ден, 12 септември 1942 година, кај ресенското село Болно, животите ги загубија народните херои Стефан – Стив Наумов и Мите Богоевски, едни од најзначајните личности на Народноослободителната борба во овој крај.

Опколени во борба со бугарската војска и полиција и соочени со опасноста да бидат заробени, двајцата соборци решиле да не паднат живи во рацете на непријателот.

По нивната смрт, нивните тела биле изложени во селото Болно со цел да бидат идентификувани, а постојат и фотографии направени од припадници на бугарските сили.

Стив Наумов и Мите Богоевски првично биле погребани во близина на местото на нивното загинување. Но, откако локалното население започнало да ги посетува нивните гробови и да им оддава почит, телата биле откопани. Според сведоштвата што се пренесуваат за настанот, посмртните останки подоцна биле однесени во непознат правец.

До денес нивното последно почивалиште останува непознато.

Повеќе од осум децении подоцна останува надежта дека некој документ, архивски запис или досега непознато сведоштво конечно ќе даде одговор на прашањето – каде се посмртните останки на Стив Наумов и Мите Богоевски?

Нивните гробови можеби не се пронајдени, но нивните имиња останаа запишани во историјата.

Вечна им слава на хероите!

Babam Bitola

Comments are closed.