На 27 октомври се одбележуваат 103 години од раѓањето на Стив Наумов, македонски деец, првоборец и национален херој. Роден е во Битола на 27.10.1920 година. Повеќе пати апсен како комуниста. Во 1939 година станува член на СКОЈ и КПЈ, а во септември 1940 година беше поставен за секретар на Месниот комитет на КПЈ во Битола.

По Априлската војна во 1941 година работи на организирање на оруженото востание во Македонија во Битола. Учествува во формирањето на битолскиот партизански одред „Пелистер“, а во јуни 1942 година станува член на Оперативниот штаб на Главниот штаб партизанските одреди на Македонија.

Куќата каде што живееше Стив Наумов

Покрај организационата работа активно се бореше против окупаторот. На 6 мај 1942 година на улица во Битола го убива началникот на бугарската полиција, а во август раководеше со партизанската акција против бугарските власти во селото Кожани. Убиен е од страна на бугарската полиција на 12 септември 1942 година во селото Болно ресенско.