Ацо Стефановски (Битола, 10 декември 1922 – Битола, 10 март 1985) – македонски филмски и театарски глумец, член на Битолскиот народен театар од самото негово основање во 1944 г.

Првиот македонски Хамлет, несомнено еден од најретките уметнички поединци со специфичен глумечки сензибилитет и богат творечки потенцијал. Поминувајќи го сиот свој работен век на „штиците што живот значат“ одиграл 250 улоги, главно водечки.

Ацо Стефановски е роден во Битола на 10 декември 1922 година, каде го завршил основното и средното образование. Професионалниот ангажман како глумец го започнал со самото формирање на Народниот театар од Битола во 1944 година и сите 40 години од својата глумечка дејност ги поминал во овој театар каде бил незаменлив столб во уметничкиот ансамбл, остварувајќи улоги на високо креативно рамниште.

Во својот глумечки живот остварил бројни и забележителни театарски и филмски улоги, а исто така режирал и повеќе театарски претстави.