Најпопуларните млади автори во Македонија, Марко Марковиќ GP и Стефан Рашковиќ Steffonator, ја најавија првата јутјуберска турнеја од ваков тип по повод објавувањето на нивната прва авторска книга во издание на Просветно дело.

Мегапопуларните јутјубери GP и STEFFONATOR ja најавија турнејата на книгата НАШИОТ ПАТ во издание на ПРОСВЕТНО ДЕЛО. Ќе посетат 7 градови во Македонија. Турнејата ја започнуваат во Градот на Конзулите, Битола, а потоа следуваат и Кавадарци, Куманово, Охрид, Штип, Струмица и завршуваат во Градот под Марковите Кули – Прилеп.

Оваа сабота, 16.2. 2019 година, битолчани ќе имаат можност да се видат со своите омилени јутјубери, да ги добијат своите долгоочекувани автограми и селфиња, како и да се дружат со авторите. Секоја наредна сабота продолжуваат во другите градови, а на 30 март 2019 година, прилепчани ќе имаат можност да присуствуваат на последната етапа од оваа турнеја, а датумите и информација за тоа кои други градови би биле посетени во иднина – останува да дознаеме. Потпишувањето на книгите и митапите се закажани во книжарниците на ПРОСВЕТНО ДЕЛО во соодветниот град со почеток од 12 часот и ќе траат до 18 часот.

„ДОАЃАМЕ И ВО ТВОЈОТ ГРАД“, објавија јутјуберите и изјавија: „Долго време најавуваме митапи за нашите следбеници во другите градови. НАШИОТ ПАТ даде вистински повод за тоа. По Скопје, каде што имавме можност да се видиме со голем број следбеници, решивме сега да посетиме 7 града во 7 саботи.“

Книгата НАШИОТ ПАТ постигна незапаметена продажба, ги урна сите рекорди, а за првпат во Македонија Просветно дело најави турнеја за потпишување книга.

Сведоци сме на уникатен спој меѓу традицијата и револуцијата!