Во нашето младешко време, што се совпаѓа со годините непосредно пред Втората Cветска војна, на Широк Сокак моравме да се вклопиме во правилата на корзото кое, pед се, беше младешко, но со приоритет на школската младина. Ние како ученици со униформирана капа на главата, на која обврзно мораше да стои класот на трите средни школи во Битола: Државната реална гимназија, Трговската академија, Богословијата и Нижото замјоделско училиште, како и Нижата женска гимназија. Бевме маркирани од училишните власти и затоа што на корзото можевме да се движиме во лето најдоцна до 8 часот, а во зима до 7 часот, според временската тарифа што не се менуваше. За контрола дека учениците така ќе постапуваат секој ден беа ангажирани еден, или двајца наставници, кои не само што водеа сметка дали некој ученик ја пречекорил саатнината, туку влегуваа во кината „Гранд“ и „Корзо“ (Манаки), за да откријат дали некој ученик се дрзнал да гледа забранет филм за кој претходно редовно беше читана наредба пред класовите. Така, се случи за филмот „Ноќите на Париз“, проектиран во киното „Гранд“, да бидат казнети со укор, најтешка казна пред истерување, неколку ученици. За волја на вистината, тој филм, во споредба со сегашниве максимални порнографии, е како геновева опкружена со проститутки. 

Но, такви беа времињата, апсурдни, со многу табу теми, особено сексуалното воспитување. На пример, ние имавме дури 12-13 години, а бабите и мајките не уверуваа дека децата се раѓале ОД под мишка. Навистина смешно и нелогично, зашто околу забранетите филмови на Широк Сокак имаше кафеани и хотели во кои пееја чупиња и го продаваа своето тело за пари. Ние, на кои им беа забранети некои филмови, веќе бевме на возраст и во горните класови кога ваквите состјби ни беа се појасни, зашто обврзната литература, со Достоевски на чело, ни ги откриваше човековите Достоинства и слабости.
 Да надоврзам, дежурните наставници имаа право и на сред бел ден да влезат во кафеаните и особено во билјардските сали на „Розол“, кај Димко и други, заради што Ние, љубителите на оваа игра, секогаш поставувавме по еден дежурен другар кој навреме ја сигнализираше опасноста, навреме бегавме и во најголем број случаи завршуваше без последица.

Инаку, битолското корзо имаше одреден ритуал: Од десната страна по тротоарот, од аголот на хотел ресторанот со летна тераса се движевме надолу на југ, кон Камен Мост, тука го минувавме коловозот и од другата страна се враќавме до зградата Каринте, и пак одново по истата патека во еден кружен тек, барајќи да сретнеме, договорено или случајно, некој другар, или интересна личност од спротивниот пол. Движењето, односно делницата на тоа предвоено корзо честопати не ја доодувавме до Камениот Мост, туку ја скратувавме кај фотографот „Папакоч“, на средината на коловозот, кој во вечерните саати беше одреден само за пешаци, по правило, се движеа семејни луѓе, или веќе со даден збор на претходна свршувачка. Всушност, тротоарите беа одредени за нови познанства и интимности. Вака беше во шесте работни дена во неделата со мали исклучоци, бидејќи чираците и калфите го имаа својот слободен ден- неделата. Обично работничката младина за школската младина, можеби малку ОД завист, иронично забележуваа дека се „бадијалџии“, кои цела недела се влечкаат по Широк Сокак. Меѓутоа, и работничката младина, немајќи доволно време во потрага по релаксација и да се пресоблече за да се појави на Широк Сокак, на излезот го бараше во едно од неколкуте маалски корза во Битола, каде што и девојките, едноставно облечени и дури на налони, лажеа пред домашните дека биле кај комшиите, а, всушност, можеа да скршат некој еликсирен збор со својот мерак. Такви маалски корза во Битола пулсираа во новоизградениот Горни Парк (Синан Бели), кај Заријата и кај Шарена Чешма (Симјановци) на Баир, кај млекарот Данаил во Гинимаале (денес улица „Гоце Делчев“ кај Бактериолошка станица) прочуеното Џавте корзо кај Мостот „Гронотел“ (денес улица „Даме Груев“). 
Дестинацијата на битолското корзо од аголот „Централ“ до Камениот Мост ул. „Солунска“ траеше речиси цели седумдесет години. Кога битолската чаршија се поплочи, наводни и одводни, и доби телефони што се совпаѓа со крајните осумдесетти години. 
Д.Д.Такец “Перформансите на Широк Сокак”