Хармониката на битолчанецот Шабтаи Шами која ја добил од неговите родители во 1939 година како поклон за Бар Мицва (Еврејски празник кога момчето прави 13 години и добива религиозна зрелост) се наоѓа во поставката за делот Македонија и Балкан, во првиот и најголем музеј на Холокаустот Јад Вашем во Ерусалим. Освен таа тука е изложен и оригиналниот тефтер од тогашната бугарска управа во кој се запишани сите битолски евресјки семејства заедно со нивните фотографии.

Инаку кога, започнаа расистичките закони и на Евреите им било забрането да поседуваат музички инструменти, Шабтаи му ја даде хармониката на својот пријател муслиман, со кого заедно свиреа во оркестар. Шабтаи беше фатен во Солун и депортиран во Аушвиц. Потоа беше преместен во Берген – Белсен, каде и почина два дена по ослободувањето најверојатно од прегладнетост. Пријателот на Шабтаи и ја врати хармониката на неговата сестра по завршувањето на војната.

Семејството Шами

Моше и Сара Шами имаа четири деца: Шабтаи, Гита – Алегра, Аврахам и Јозеф. Семејството водеше традиционален начин на живеење и имаа удобен живот од нивниот голем дуќан за облека. Гита беше активна во младинската група Хашомер Хазаир. Живееја веднаш позади еврејското верско училиште Талмуд Тора, на тогашна ул.Др.Рајс сега св.Нектариј Битолски одма на влезот во старата чаршија каде живееше и познатиот Леон Камхи (неговата куќа е рушена и не постои повеќе).

Во март 1943, ден пред депортацијата на Евреите од Македонија, Шабтаи и Гита пребегнале во соседна Грција, заедно со уште седум други младинци. Тие дошле во Костур каде им се придружија на членовите на семејствата кои пристигнале таму една година претходно.

Во септември 1943, Костур беше окупиран од страна на Германија и во март 1944 Шабтаи и Гита беа депортирани, заедно со нивните чичковци и тетки во Биркенау. По пристигнувањето, чичковците, тетките и децата беа испратени во гасните комори и убиени. Шабтаи и Гита како работна сила беа сместени во работните единици. Кон крајот на јануари 1945 година, затворениците од Аушвиц – Биркенау заминаа на запад, пеш на маршот на смртта; меѓу нив беа и Шабтаи и Гита. Стигнаа до Берген – Белсен.

Гита беше испратена со група од 300 жени во камп во планините, на принудна работа во фабрика за изработка на авионски делови. Кон крајот на април таа беше испратена во Матхаузен, каде Американците ја ослободија на 2-ри Мај.

Шабтаи кој остана во Берген – Белсен, почина два дена по ослободувањето.

На почетокот на јули 1945 година, Гита се врати дома во Битола каде што дозна дека од целото нејзино семејство – нејзините родители, браќата и сестрите и бабите и дедовците – таа беше единствениот преживеан член. Во Битола таа се сретна со Сами – Шмуел Калдерон (еден од младинците со кои заедно побегна на почетокот на нејзините патешествија), кој се врати во Битола после поминатите воени години како член на партизанските единици во Грција.

Тие се венчаа летото 1946 година. Најстарата ќерка, Сарале беше првата Еврејка родена во ослободена Битола и во декември 1948 г. заедно со неа семејството емигрира во Израел.

З.Ѓоргиев