Парохијата во Битола е основана во 1856 година, со цел да се грижи за духовниот и верскиот живот на верниците од католичка вероисповед во градот и целото подрачје. Од Велигден 1857 до 1870 година богослужението и сите верски обреди се вршат во капелата на училиштето.

На локацијата на денешната црква на Широк Сокак, за време на турското владеење, шеикот Џелал Един имал изградено тулбе (тур. тürbe -капела) на местото каде претходно постоела стара црква посветена на св. Никола.
На тоа свето место во 1870 година е изградена нова парохиска црква во барокен стил од страна на лазаристите. Но, за жал, во пожарот во 1900 година изгорел покривот на црквата. На истата локација на 14.2.1909 година е изградена сегашната црква во новоготски француски стил. Планот е дело на француски архитект од Париз, а градители се македонски ѕидари од Битола. Така, во 1909 година е изградена сегашната црква, единствена на Балканот и Југоисточна Европа од новоготски француски стил во архитектурата, бисер на Битола и на Балканот. Со својата убавина
ја краси Битола и Македонија. Црквата е посветена на „Пресвето Срце Исусово“ (на Божјата љубов кон човекот) уште од првата капела.

Изгледот на внатрешноста на Пресвето срце Исусово

Во црквата има три олтари. Главниот олтар (предконцилски или претсоборен) со статуите на него е во готски германски стил, изработен од костеново дрво во Минхен, Германија. Во центарот на олтарот доминира патроналната голема статуа на Пресветото Срце Исусово.

Главниот олтар во готски стил

Камбанаријата на црквата ја изградил отец Алојз Турк, парох во Битола, во периодот од 1938 до 1940. Камбаната, подарок од словенечките верници, тешка 284 kг, е со интонација на гласот Ц. Во 1961 црквата е целосно обновена од страна на брат лаик Јоже Лупше, лазарист.

Стариот изглед на Католичката Црква
Правењето на камбанаријата 1940г.

По Вториот ватикански собор (1962 – 1965) следуваат големи реформи во Католичката црква, во светата литургија и литургиските простории. Во литургијата се воведува литературниот јазик на верниците и свештеникот служи свртен со лицето кон народот.

Крстот над олтарот, Исус Христос Спасител (IHS)

Отец Петар Ташев, пабох во Битола, во 1975 година прави нов олтар – (поконцилски) и анбонд ореово дрво во стилот на црквата, изработени од битолскиот мајстор резбар Ѓорги Караџов.

Извадок од книгата за Католичката црква (1856-2006г.) Пресвето срце Исусово на отец Ристо Делијанов С.М.