Во далечната 2001 година на истиот ден денешен, вршејки комбинирана патрола, ние како Посебна единица на полиција и единицата за специјални воени операции -Волци на Шар Планина поточно пред селото Вејце, бевме нападнати од страна на терористи и непријатели на државата, во заседа предадени за пари од Македонски шпиони и албански криминалци и терористи кој сега се поставени за премиери и министри во владата на Република Македонија, од кој 8 припадници на специјалните сили загинаа а 8 останавме живи.

Како останавме живи и куртуливме само Господ знае. Зошто велам Господ знае, затоа што 3 бомби кашикари ми експлодираа на метро и пол до мене, една золја, неколку пушкомитролези и снајпери ми испукаја во моја близина и пак останав жив и колегата што беше со мене. Никој не се надеваше дека ке останеме живи јас и мојот другар и колега Златко Паторот.

Имаме една изрека ,,Нема смрт без судниот ден“. Таму видовме работи што во нормален живот нема шанса. Загинати колеги, повредени од бомби и куршуми со прострелни рани. Многу денови и ноќи неспани прегладнати јадевме расипани конзерви и нарезоци со поминат рок, премрзнати, преплашени, далеку од нашите фамилии, што би се рекло смртта пред очи да си ја гледавме многу пати. Бевме многу млади и наивни и лесни за манипулација на политичката војна. Затоа апелирам до младите генерации немој да дозволите да ви се случи истото. Чувајте ја Македонија од домашни шпиони, предавници и криминалци кои имаат за цел да ни ја уништат најубавата држава.

Имајте соживот со сите националности и вери, не правите разлика на народот и само така ќе изградиме силна и заедничка држава. После толку години животниот пат ме понесе да живеам надвор и далеку од мојата Македонија, но сепак во мислите и сеќавањата ми е Македонија, бидејки таму се родив, се школовав, пораснав, се борев и неколку пати ќе загинев за Македонија. Нека биде вечен денот 28 Април – Масакрот кај Вејце и слава му на колегите кои загинаа пред моите очи. Нека им се здрави и живи фамилиите. Македонија вечна.

Сашо Гарабиљевиќ