Излезе од печат петтата книга на битолчанецот Христијан Аџиоски која е историска хроника за чемерната голгота на Егејска Македонија и прогонствата на бегалците од дедовата земја. Во ова мало книжевно дело е опишан долгиот пат и страдањата на стотици илјади семејства, кои сурово биле разменувани како што овчарите си го разменуваат добитокот, само затоа што така сакале „големите“, кои секогаш одлучуваат за иднината на малите.

Во неа ќе ги сретнете родните села на Грците во Кавказ, Кападокија, Измир, Трабзон, кои ја преплавија Македонија населувајќи се во селата на Македонците протерани во Струмица, Петрич, Пловдив, Софија, Бургас…

Опишани се последните денови на убавиот Кукуш, пред да биде опожарен до темел, опишани се славните битки на партизаните, но и егзодусот на децата бегалци од опустошените големи костурски села.

Истотака ќе го сретнете и значењето на стотиците донесени грчки топоними, преку кои грчките бегалци го чуваат споменот за напуштената татковина во Мала Азија – зошто селото Зарово е преименувано во Никополис, а селото Илиџиево во Халкидона? Што е слично во имињата Малгара, Никомидија и Мундања во Турција и Неа Малгара, Неа Никомидија и Неа Мундања во Грција?

Овие страници се само плод на долгогодишно истражување и татковинска опседнатост да се откопаат закопаните вистини. Талкајќи низ Егејска Македонија и одблизу расчистувајќи ја пепелта од згаснатите огништа на еден македонски живот со исконска бележитост – книгата сама се создаваше…опишува Христијан.

Зошто ваков ваков обид да се прераскаже болка нанесена поради прогон?

Бидејќи Егејска Македонија не е само морето, плажите, шопингот, гирото и по некое нашинско оро, Егејска Македонија е страдалничка земја која била жртва на најголемата размена на население во XX век. А татковина може да се нарече само земјата која ги чува гробовите обраснати со трње – како сведоштва за корените на илјадници откорнати од родната грутка.

———————————————————-

Книгата е веќе под сонцето – па нека зрачи како светилник за сите прогонети кои сонуваат да си го пронајдат патот до дома.
———————————————————————

Нарачка на телефон 075 718 959, а наскоро информација и за достапност во книжарница. „Птиците“ ќе патуваат по карго низ цела Македонија и секаде каде што ќе бидат побарани