До: Натпреварувачка комисија на РФМ

Предмет: Мислење во врска со извештајот на делегатот од натпреварот помеѓу рк
Вардар 1961 и РК Еурофарм Пелистер

Почитувани,

После разгледувањето на официјалниот извештај од ракометниот натпревар помеѓу екипите на РК Вардар 1961 и РК Еурофарм Пелистер, и Вашето барање да се изјасниме по истиот, Ве известуваме дека од наша страна се констатирани сериозни пропусти (се надеваме ненамерно). Во продолжение ги испраќаме нашите забелешки:

Нашиот голман Урбан Лесјак беше погоден во глава со тврд предмет (видливо и на ТВ пренос). Заради ова натпреварот беше и во краток прекин. Нејасно е како службените
лица тоа не го навеле во записникот односно навеле дека.. до 16:31 минута на неколку пати беа фрлени парички и запалки на терен, меѓутоа без проблеми”.

Во извештајот не е наведено дека навивачката група Комити на трбината беше без никакво обезбедување пред нив и без безбедносна зона од неколку редови до теренот (видливо и на ТВ пренос) што претставува сериозен организационен пропуст. Овој пропуст овозможи на терен да влезат 30-40 маскирани лица кои дивеат и кои покрај фрлање на флаши фрлаат и тврди предмети и ги бркаат нашите играчи по теренот.

Исто така е нејасно зошто немаше поставен полициски кордон и пред нашите навивачи при нивното влегување во салата со што ќе се избегнеа немилите сцени. И покрај тоа што во извештајот е наведено дека не дојде до физички контакт со службените лица” вистината е дека при прекинот дојде до физички контакт помеѓу навивачите и еден од нашите службени лица на клупа кој што остана последен и не успеа
навремено да избега. Тоа истото може да се види од камерите во салата и претпоставуваме снимените материјали кои ги има полицијата.

Опремата што ја оставија нашите играчи на клупата кога бегаа од разбеснетите навивачи беше одземена и палена во текот на натпреварот на трибината на Комити што беше дополнителен притисок и стрес за нашите играчи. Во прилог Ви испраќаме и видео од соблекувалната. Нашите играчи беа бркани до соблекувалната и немаа клуч бидејќи на физиотерапевтот, кој што беше нападнат, не му беше дозволено од полиција да продолжи кон нашата соблекувална каде што веќе беа
стигнати навивачите на РК Вардар.

Во борбата за сопствените животи мораа да ја скршат вратата и да се префрлаат преку неа. Сметаме дека ситуацијата на теренот беше крајно небезбедна и нормално е тоа да влијае на секој играч да не може да продолжи да игра кога се плаши за сопствениот живот.
Поради сето ова останува нејасно зошто натпреварот не беше прекинат и во најмала рака да се побара празнење на дел од трибините (нешто што минимум и со сигурност ќе се случеше доколку натпреварот се играше во првенствата во Германија, Франција, Шпанија, скандинавските земји).

Претпоставуваме дека одлуката на делегатот за да се доигра
натпреварот пред полни трибини е донесена поради општа безбедносна проценка и проблемите кои би настанале со празнење на салата, меѓутоа таа одлука од друга страна имаше
директно влијание на крајниот исход на натпреварот. Нашето размислување и во моментите на прекин а и денес се дека минимум што мораше да се направи е да се испразнат трибините или натпреварот да биде целосно прекинат. Следејќи ги законските одредби кои се однесуваат на повлекувањето на екипата од терен/натпревар (член 10. Пропозиции сезона 2022/23) и со цел да оневозможиме да има
основа за пропишана казна од службен резултат 10:0 за противничката екипа, -1 бод за
екипата која го напушта теренот и соодветна парична казна од РФМ, ние донесовме одлука да
чекаме, да веруваме и да ја почитуваме одлуката на службените лице, но очигледно дека погрешивме.

На тоа ни укажуваат и огромен број на спортски работници и стручни лица. Ние како клуб ce oгpaдивмe oд непримерното однесување на дел од навивачите (и од двата клуба). За жал, до денес РК Вардар 1961 тоа не го направи што е причина плус за појава на сомневање дека можеби сме биле сведоци на однапред договорено сценарио за одвивање на натпреварот. Она што исто така дополнително загрижува е дека делото се повторува, и минатата година имаше слични големи инциденти во спортскиот центар Јане Сандански. Доколку изостане соодветна реакција на тоа сметаме дека тоа ќе биде промоција на нов начин на организација на спортски натпревари. Поради сето погоре наведено, Ве замолуваме да ги земете во предвид сите околности и да донесете исправна одлука која ќе биде пред се во интерес на македонскиот ракомет, спортот
и спортистите. Ние сме убедени дека нерасчистувањето на огромната црна дамка која се нанесе на македонскиот ракомет и за која во изминатоите денови известуваат сите домашни и
меѓународни спортски медиуми може само да биде еден огромен чекор назад во афирмацијата на македонскиот ракомет. Цениме дека пред се играчите и тренерите на двете екипи (кои коректно и спортски се однесуваа) најповеќе сакаат да има решение со кое ќе се обиде нашата федерација да ја избришеме и заборавиме лошата неделна епизода која беше предизвикана од слабата организација, несоодветното реагирање на полицијата и пред се од неодговорното однесување на одвоени индивидуи кои според нас не се спортски навивачи и кои само се задскриваат позади навивачките групи Чкембари и Комити и го оцрнуваат нивното име.

Спортскиот влог е голем за сите но човечкиот и општествениот влог уште поголем и заради тоа мораме сите заедно да ставиме крај на сцените што беа карактеристични за спортски натпревари од пред педесет години. Никоj нe e Исклучен од одговорност и никој не смее да биде исклучен од одговорност. Непревземање на вистински и ригорозни мерки ќе има директно влијание на иднината не само на македонскиот ракомет туку и на македонскиот спорт воопшто.

Битола 29.3.2023
Со почит, РК Еурофарм Пелистер