Откако издавачката куќа ПРОСВЕТНО ДЕЛО ја издаде книгата НАШИОТ ПАТ, напишана од познатите јутјубери Марко Марковиќ – GP и Стефан Рашковиќ – Steffonator, па сè до денес, продадени се рекордни 10 000 примероци.

Двајцата популарни јутјубери официјално го објавија продадениот тираж на нивните социјални мрежи, а петцифрената бројка ја одбележаа со интересна фотосесија. Првиот тираж од 1000 примероци се распродаде само за час и половина на денот на промоцијата на книгата, а веднаш потоа постојано се печатеа и се продаваа нови и нови тиражи.

Овој тираж е своевиден феномен бројка која далеку ги надминува вообичаените тиражи во издаваштвото на овие простори, и очигледно ќе треба да помине уште долго време пред да може некоја друга книга да го достигне.

„Не ни сонувавме дека ќе напишеме книга, а камоли да ја напишеме најтиражната досега! 10 000 продадени примероци за неполни 4 месеца – сигурно е сон!“, ни изјавија Марко и Стефан.

Од издавачката куќа ПРОСВЕТНО ДЕЛО, пак, велат дека ваквиот тираж ги надмина сите можни очекувања и секако се горди на овој проект и на младите автори.